Митевски : Снимките се автентични, опремата е од Израел

0
1471

Поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност вели дека аудиоснимките ги направиле вработени во Петтата управа на МВР

Mitevski

Снимките се автентични, а опремата за прислушување е набавена во 2008 година од Израел“, оцени поранешниот прв човек на Дирекцијата за јавна безбедност, Горан Митевски, во завчерашното гостување на телевизијата „Алсат“. Според него, прислушувањето е дело на вработени во Петтата управа на Министерство за внатрешни работи, кои, пак, невозможно е незаконските работи да ги правеле без добиена наредба од претпоставените. Како прв излез од политичката криза во земјава, Митевски смета дека е неопходна оставка на Јавниот обвинител, но тој „или не сака или не му даваат да ја даде“.

„Сите снимки се автентични. Многу тешко е да се изрежираат вакви разговори, односно да се прават лепенки. Гласовните амплитуди да се спојат од една во друга реченица и притоа во иста амплитуда е практично невозможно, но ајде, да оставиме експертите да го кажат својот збор“, рече Митевски.

Што се однесува до Звонко Костовски, кој како шестоосомничен во аферата „Пуч“ веќе е осуден на три години затвор поради шпионажа, Митевски вели дека станува збор за човек што во МВР се вработил во 1992 година, важел за еден од најдобрите професионалци, бил мирен и повлечен, против него немало никакви постапки…

„Тој е искористен за одредени цели, очигледно некому му се брзало да излезе на прес-конференција и да каже дека еден од осомничените веќе потпишал нешто“, смета полицискиот генерал.

Митевски објаснува дека во министерството постои хиерархија (началник, заменик-началник, началник на сектор) и тие филтри не можат да се избегнат, снимањата се правени во работна атмосфера, поради што смета дека морало да постои наредба.

„Во 2008 година, како што објавија медиумите, дојде до средба меѓу министерката Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков со Ехуд Барак во Израел, при што беше потпишан договор за соработка во областа на безбедноста, меѓусебното информирање и технологијата. Самата спогодба кажува дека е разговарано за купување на одредена софистицирана опрема што после тоа е набавена и користена“, рече Митевски за „Алсат“. (Г.А.)