МИЗЕРИЈАТА НА НОВИНАРИТЕ ДОПИСНИЦИ

0
1700

Понижени, обесправени, неосигурани, а често со месеци и без плата или пак примања кои е срамота и јавно да се кажат. Ова е судбината на најголемиот дел од новинарите кои работат надвор од Скопје. Не дека ситуацијата и со новинарите во нашата метропола е сјајна, ама сега сакам да кажам збор-два за дописниците за кои никој не зборува и кои мислам дека навистина го допреа дното на својата професија, последниот круг од пеколот на Данте.

Најтрагично е тоа што за сите овие работи со години молчат и најповиканите кои треба да се борат за нашите права – ЗНМ. Со нас си поигруваат газдите, уредниците, власта, опозицијата, се поигрува кој како ќе стигне и кој кога ќе стигне. Никој не не штити и немаме грб од никого. Заборавени од сите.

Иако ние сите сме новинари и тие што се во Скопје, и тие што се во останатиот дел на Македонија, но по се изгледа ситуацијата не е иста на терен. Пред извесен период, на еден настан кој се случуваше во прилепско, една колешка од Скопје се појави револтирана, бидејќи од телевизијата замислете не им пратиле шофер. Пази молимте возел снимателот. Тогаш навистина незнаев што да правам, работава беше дал да плачам, дал да се смеам.

Да не бидам погрешно разбран не се фалам, туку друг е муабетот. Значи јас сам покривам 5 општини, секој ден сам сум шофер, сам новинар, сам монтажер, а често пати и сам снимам, 4 во 1. И не дека имам намера да се жалам поради тоа, доколку се си беше во најдобар ред.

Кога зборуваме на пример за телевизиите, скоро сите дописници во Македонија користат свои возила за работа.Тие се приморани сами да си ставаат гориво ако треба да се оди на настан, гориво кое ретко, ако не и никоја телевизија во Македонија не им го покрива. Се јавува уредникот или директорот и ти вели ова мора да се сними. Ако одбиеш се знае што следува. Доколку дописниците немаат пари пак за да стават гориво треба да се молат лево-десно за да им стави некој гориво или пак со некаков превоз да стигнат до местото на настанот. Вистинска мизерија.

Најголем дел од нив исто така не се осигурани, се водат како некакви хонорарци. Земаат плата и по мизерни 9 до 10.000 денари, а дел дури и помалку. Катастрофа.

Најосновото средство за работа на новинарот, телефонот, сами си го плаќаат. Чиста среќа што сега операторите за 500 до 600 денари воведоа тарифи за неограничено зборување.

Нема слободни денови, викенди, празници, ниту нормален годишен одмор.

Голем дел од колегите се наоѓаат во толку лоша финансиска ситуација, што јас знам лично мои колеги на кои дома им била исклучувана и струјата, живееле во мрак со недели, бидејќи немале земено плата и по 3 месеци и немале пари да ја платат сметката. Замислете ние новинарите се бориме за правда, за слобода, снимаме социјални стории, а голем дел од нас дописниците се социјални случаи. Буквално се бориме за корка леб.

Можеби на некого, на пример на обичниот читач ова нема да му се верува, ама колегите многу добро знаат за што зборувам.

Е за разлика од нас, колегите во Скопје да бидеме искрени барем ги немаат овие проблеми. Земааат редовно плата, каква-таква, работат во смени, се возат со службени возила, не ги боли главата дали има гориво во кола, имаат климатизирани канцеларии и ги користат сите расположливи ресурси на медиумите.

Освен со телевизијата, исто е и со печатените медиуми и радијата, ако не и полошо. И покрај сите овие проблеми сите молчат, ама буквално СИТЕ !!! Ало ЗНМ каде си ?

Друга приказна е тоа што бројот на дописници во сите медиуми се повеќе и се намалува, за брзо можеби и ќе исчезнеме исто како динасаурусите. Се сеќавам на времето кога на пример во Прилеп на секој настан пред оној што зборуваше имаше и по 7-8 микрофони, диктафони… А сега сте забележале ли повеќе од два микрофони ? Од кој еден е платен од општината. Не, за жал нема.

Еве на пример за Прилеп : телевизија Телма го укина дописништвото, свој дописник нема ниту 24 вести ( никој и воопшто нема да се согласи да работи за сумата која ја нудат ), а дописник од Прилеп нема ниту Алфа телевизија. Дописникот од Сител работи во локална телевизија и нема свој снимател. За Канал 5 пак, новинарот живее во Скопје, а во Прилеп има само снимател кој праќа инсерти. ТВ НОВА ги користи услугите на дописната мрежа на МЕГА Телевија. Слично, исто, или полошо е и во сите други градови во Македонија каде има дописна мрежа.

Ситуацијата освен со телевизите е иста и со печатените медиуми. Дневните весници, Дневник, Утрински весник, Вест, Нова Македонија, сосема го намалија бројот на новинари дописници. Во некои градови нема воопшто никој, а во некои пак остана само по еден дописник за трите весници Дневник, Утрински и Вест.

За какво новинарство зборуваме бе овде за какви бакрачи.

И најинтресно е за МТВ која има само новинар кој сам снима. Еј замислете МТВ, државен јавен сервис,  која сите ние ја плаќаме по 190 денари месечно. Дури пред некој ден фрчеа закани од извршители и незнам што ако не ги платиме сметките, а тие не сакаат да платат снимател. Ситуацијата со МТВ е иста и во сите градови, каде што има новинар нема снимател, некаде пак нема никого. Еј, пак ќе повторам МТВ, сите ја плаќаме. Зошто никој не се занимава со ова. Зошто да плаќам МТВ ако јас како граѓанин немам дописник од Јавниот сервис во мојот град или пак во најблискиот регион. Дописната мрежа на Јавниот сервис е во тотален крах.

И каде е сега тука ЗНМ. По се изгледа спијат. Ајде проверете ги овие информации, ама мислам и дека веќе ги знаете, само никој ништо не превзема. Ситуацијата е иста во сите градови. А ние ви требаме само за гласање и плаќање на членарина.

Се надевам дека колегите нема да ми замерат за ништо од ова што го напишав, туку ќе ме поддржат за да ги оствариме заедно нашите права. Редно е да се воспостават нормални услови за работа за нас дописниците. Редно е да утврдиме заеднички минимална плата под која никој нема ни да помисли да работи и да се понижува повеќе.

Можеби и треба да се оформи и здружение на новинари – дописници. Ова чисто како размислување.

И за крај навистина редно е да кажеме ДОСТА Е !!!

П.С.

А начинот на известување е сосема друга приказна, за неа друг пат.

Дарко Штаргоски, новинар и дописник

Извор : ПатоказМагазин