МЕРСЕЛ СО ФАНТАСТИЧНА КОЛУМНА : ДА, ЗАЕВ Е ЦУНАМИ!

0
2811

Сиромашно сирaче дете, видно огладнето, свратило до една куќа за да побара што и да е за јадење. Но, штом на вратата се појавила жена со жесток поглед, тоа се уплашило и побарало само чаша вода. Но, жената приметила дека детето е многу гладно, па наместо вода му донесла голема чаша со млеко. „Жалам, ама немам со што да ви платам“ срамежливо прговорило сиротото дете. „Нема потреба, мајката нѐ подучила дека добрините не треба да се наплаќаат„ – одговорила жената.

Оваа тажно-среќна приказна, ме потсеќа на нашиот актуелен политички амбиент кога на ептен сирота и сиромашна држава и е потребна чаша млеко, а некои упорно настојуваат животот да го третираат како нешто што е полошо од смртта. Не убедуваат дека првин треба повеќе пати да умреме за потоа да поживееме. Едните помагаат, а други настојуваат сирачето да го навредуваат и понижуваат.

Со кратки умови и долги ножеви сакаат да не убедат дека е гордост при бистра вода да се умира од жед. Нели самите „детето“ го доведоа до греота. Му го уништија животниот сон, за да создадат нивен живот од соништата. И сега наместо капка од вистина, ни нудат река од лаги.

Договорот од агол на интересите на државата е над максимално од очекуваното. Се отстапува една компонента, а се добиваат три. Отстапка за географската одредница (Северна), а се добиваат три (Македонија, јазик, нација). И најголемите оптимисти не го очекуваа тоа. Грижата за малцинството и да не постои во Уставот, е начело на меѓународното право.

И Албанија е пред договор со Грција. Мора да отстапува – 12 миљи море (околу 20 километри); да ги авансира правата на грчката заедница во Албанија; да премолчува за Чамите (масовно протерани и одземени имоти). А Грција треба само да го укине Законот за воена состојба и да помогне во интегрирањето!!!

Денес, повеќе од кога и да е, државата во улогата на детето има потреба од сите нас. Таа е изнапатена, малтретирана, ограбена, газена и бара помош. Тоа некој упорно го одбива. Изгледа се уште за вмровското ткиво, и најдобриот лек се третира како отров. Го навикна членството да живее во страв и омраза.

И велат Заев е цунами ! Да, цунами е во кршењето метафизички табуа. Цунами е во уривањето ѕидови и градење мостови. Цунами оти сака да избрише солза од сечие око. Цунами оти од светските „непријатели“ направи најголеми помагачи. Дури и од самите Грци. Софија и Атина како повеќегодишни кочничари стана главни агитатори за ЕУ и НАТО.

Бараат резултати, а направиле пустош .Од три реномирани меѓународни извори се потврди дека за единаесет години владеење беа исчезнати над пет милијарди долари (Global Financial Integrity)! Економијата беше доведена во друштво на 10 најслаби економии на светот. Europe’s Health Care Services, ја рангирала државата, во листата од 1 до 40, на последното 40 место по квалитетот на здравствените услуги. А соседни држави кои пред десетина години беа многу зад нас, лани скокаа – Албанија на 17 место, Бугарија на 24 место, Србија на 30 место (оваа последната 10 години војувала).

Во 2015 година умреле над две илјади лица повеќе, отколку во 2004 година. Значи ептен ефикасно работеле нивните лопати. Елитна куќа „Репортери без граници“ не рангираше на 123 место заедно со Афганистан, а осум години пред тоа бевме на 34 место заедно со Велика Британија, Словенија и Шпанија.

Рака на срце, шефот на опозицијата со мала група далековиди, знаат точно што во моментот е општ интерес, ама бројни неуки членови тоа го доживуваат како скокање без падобран. Но, да се гради егзистенцијална државна политика врз такво мнение е полошо од вистинско скокање без падобран. Оти тие што не знаат брзо забораваат, но тие што знаат доживотно памтат.

Затоа новото водство на ВМРО не треба многу да биде загрижено заради првите, туку ептен загрижено заради вторите. Тие можеби нешто и ќе загубат, но долгорочно за иднината обезбедуваат добивка. А ако Иванов преферира таков скок, тоа и не е некое големо чудо, ниту грев.

Претседателот на државата избрал кон носечкиот столб на својата држава да се однесува како диверзант. Спогодбата ја нарекол дивоградба, а самиот сѝ е уникатен екземплар за класична дивоградба. На диво станал претседател – чиста дивоградба. На диво молчел за општиот грабеж. На диво помилувал политички гусари. На диво давал или не давал мандати.

На диво не потпишува закони. На диво го крши Уставот. Сега на диво сака со кремлинско сценарио да попречи правда и враќање на парите. И затоа продолжува лагите на злосторничкото здружение да ги продава како национална гордост. Но, ретко кој верува на човек кој само по грешка ја зборува вистината.
Не е далеку времето кога доктор Howard Kelly ќе ни се потпише на ќошот – „Платено со полна чаша млеко“. Оти целиот живот е компромис меѓу идеалното и можното. Надвор од тоа е како да јавата бесен коњ наопаку.

Мерсел Билали