Медиумските реформи жртвувани заради „пржински мир“?

0
944

Медиумски реформи: ова е најповторуваната синтагма од денот кога беше потпишан Договорот во Пржино и единствена која не дочека никаков реформски процес. Напротив, дијагностицираната лоша медиумска состојба продолжува да се уназадува, разговори во Работната група за медиумите нема, а медиумите се повикани да се потпрат на етичкиот кодекс, односно на саморегулација, пишува Дојче веле.

„Жртвувани заради некаков ‘пржински мир’ и оставени на бришан простор во арената на политиката битка за превласт врз медиумите“. Ова е генерално впечатокотот што владее во медиумската заедница, откако местото на реформите го зазеде големата преселба и прераспределба на „подобни“ не местото на „неподобни новинари“, атмосфера поради која многумина ги напуштат работните места. Еден од нив е и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, кој деновиве побара раскинување на работниот однос во весникот „Вест“. Во весникот ова го доживуваат како „логичен след“ на настаните, откако како резултат на партиски интереси прва жртва на „промените“ беше главниот уредник Горан Михајловски. Бранот на натамошни заминувања под притисок или по сила на откази, веќе никој не може да го предвиди. Но, како „намерна и најдрска провокоција“ го доживуваат фактот што токму во медиумот каде работи претседателот на ЗНМ, од вчера е вработена и претседателката на Македонската асоцијација на медиуми (МАН) Слаѓана Димишкова, на функцијата помошник на главниот уредник, односно, хиерархиски „надредена“ над Селмани.

Селмани не зборува за неговата лична одлука да замине од редакцијата. Она што го загрижува е блокирањето на разговорите за медиумските реформи предвидени во Договорот од Пржино. Смета дека гарантите на Договорот треба да извршат притисок да за бидат прифатени предлозите на посредникот Питер Ванхауте.

„Тажно е што и гарантите на Договорот ретерираат во нивните ставови. Порано зборуваа за системски медиумски реформи, а сега ги менуваат тезите и зборуваат за саморегулација, за која треба да зборуваат новинарите и медиумите, а не политичарите и дипломатите. Од медиуми кои се контролирани, корумпирани и уценети од власта, да барате да известуваат согласно со новинариската етика, е исто како да барате од една жена да почитува морални норми во услови кога секојдневно е силувана од некој насилник. Таму каде што има насилство, корупција, уцени и притисоци, нема место за слобода и етика“, укажува Селмани.

Потенцира дека ЗНМ ќе биде благодарно, ако амбасадорите Бејли и Орав објаснат како мислат дека медиумите преку саморегулација ќе се справат со институциите што толерираат насилството врз новинарите и како преку саморегулација ќе се реши прислушувањето на над сто новинари од страна на тајната полиција.

Освен што нема преговори за медиумски реформи, ниту знаци за таква потреба, владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве почна да ги брои и споредува секундите посветени на неа и на политичките опоненти, на телевизиите „Телма“ и „24 вести“, кои, пак, се единствените што јавноста ги доживува како неутрални и неконтаминирани со еднопартиски интереси. И тамошните новинари, но и комуниколозите кои ги следат состојбите во оваа сфера, тоа го сметаат за дополнителен политички притисок и офанзива од страна на власта.

0,,16789146_303,00