МВР почна постапка за Беќир Асани, тепачот на Тодор Петров

0
1067

Полицијата почнала постапка за Беќир Асани по нападот на Тодор Петров, информираат извори од МВР за 24 Вести. Тие не сакат да откријат конкретно какви дејствија се преземаат, само кусо велат дека има постапка. Кривична пријава сепак се уште нема. Официјално од полицијата тврдат дека работат на случајот и ја објаснуваат процедурата дека посоченото лице, најпрвин неколку пати добива покана за информативен разговор. Од обвинителството пак велат дека се работи на случајот но чекаат најпрвин кривична пријава од МВР за евентуални осомничени. Ја потврдија информацијата дека се уште не добиле кривична пријава од МВР.

Лично Петров го посочи претседателот на општинската организација на Чаир како еден од неговите напаѓачи. Според него, Асани заедно со уште четворица крвнички го претепале, а по нападот се појавил и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој не му помогнал.

Напаѓачот кој што го идентификуваше Петров, Бекир Асани не и е непознат на полицијата и истиот тој беше еден од главните учесници при насилното уривање на споменикот на Цар Душан, а учествуваше на настаните на Кале пред изборите 2011-та.

И тогаш ресорното министерство во соработка со обвинителството тврдеше дека истрагата е во тек но Асани ниту беше приведен ниту беше осомничен, ниту заработи кривична пријава. Во инцидентите учествуваа речиси сите функционери кои беа на протестите во Бутел, а дел и од оние кои Петров ги посочи како дел од инцидентот со претепувањето.

Не понесе одговорност ниту заменик министерот за МВР кој ги ослободуваше од лисици уапсените хулигани на Кале, иако од полицијата најавија дека ќе се испитуваат неговите постапки. Сепак Џевад Бучи по изборите во 2011-та ја изгуби фотелјата во МВР.

24 Вести и денеска се обиде да добие став од Асани и Меџити, но не одговараа на повиците. Без коментар се и од ДУИ . Единствено пратеничката Ермира Мехмети која беше дел од блокадите во Бутел, а присуствуваше и на демолирењо на Цар Душан пред неколку години сред ноќ, без директно да ги коментира настаните и да го осуди инцидентот, порача дека фрустрацијата и блокадата на земјава кон ЕУ произведува и внатрешни конфликти.

Поларизацијата е екстремна, не е само политичка и идеолошка, туку и етничка, а се чини дека ќе биде и верска. Овие кризи најмалку и требаат на Европа, во ситуација кога веќе се справува со сериозни кризи и нетолеранција во пораст во смисла на верскиот соживот, изјави Ермира Мехмети.

Од неврохирургија денеска решија да молчат за состојбата на Петров. Не сакаа ниту да информираат дали пациентот е пуштен и кога, откако во саботата беше префрлен од ургентен во клиниката. Настанот се случи по поставувањето на камен темелникот на крстот во Бутел за кој протестираа граѓани предводени од високи партиски функционери на ДУИ.