Макрадули : Ако и утре продолжи загадувањето ќе има праг на алармирање

0
880

Дефиниран е надминат праг на информирање односно сме во состојба на информирање за загадувањето на воздухот кога важат препораките да не се излегува надвор, јавниот превоз да се користи, повеќе граѓани да бидат во едно возило… За надминувањето на прагот на информирање, информирана е јавноста и институциите кои се задолжени за тоа. Ако и утре продолжи загадувањето ќе има праг на алармирање, изјави денеска заменик-министерот за животна средина просторно планирање Јани Макрадули.

Тој посочи дека согласно уредбата донесена од страна на Владата, според која, прагот на информирање и алармирање за загадување на воздухот од пет и десет дена беа намалени на два дена минатата година, денеска е надминат прагот на информирање, но таа уредба, како што рече, зависи од податоците од мерните станици и од метеоролошките услови.

– Така е секаде во светот. Бидејќи минатиот пат беше јасно дека за кратко време ќе дува северен ветер, бидејќи таа е композит одлука и зависи од два фактори и од податоците од Хидрометеоролошкиот завод и од мерните станици, затоа не се прогласи – додаде Макрадули одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на работилницата за дефинирање предлог граници и зони за формирање заштитено подрачје Осоговски Планини.

Претседателот на Советот на Источниот плански регион и градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев, одговарајќи на новинарско прашање истакна дека Кочани е најзагаден во источниот регион и тоа е така поради тоа што во градот има мерна станица и нема на друго место.

– Веројатно ако поставиме мерни станици и на друга страна ќе добиеме други параметри. Во последно време загадувањето во Кочани се движи нешто над максимумот кој е определен односно над 50, значи околу 60, 63. Секако дека во одредени периоди е и повисоко загадувањето, но се далеку од загрижувачки податоците од оние кои се пропишани од Владата, кога ние како локална самоуправа сме должни да преземеме мерки за заштита на населението – рече Илијев.

Тој додаде дека првпат годинава во буџетот одвоиле ставка за секторот животна средина со тоа што планираат да повикаат независни експерти кои ќе направат мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации со цел да добијат вистинска слика од каде доаѓа загадувањето, за да можат да преземат мерски и проблемот да биде доведен во нормални граници.