Македонската репрезентација доживеа тежок пораз од Грузија

0
1295

Кошаркарската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Грузија 75:90 (18:21, 19:27, 18:23, 20:19) во претпоследното коло во Ц групата на Европското првенство.

bidked

Поразот од Грузија ги сведе на минимум шансите на македонските кошаркари за пласман во втората фаза од шампионатот, бидејќи во евентуален круг на три репрезентации со по една победа (Македонија, Грузија, Холандија) „црвено-жолтите“ го имаат најлошиот кош количник.

Избраниците на Марјан Србиновски во за нив најзначајниот меч во групата одиграа лошо и поразот од 15 кошеви најдобро ја отсликува ситуацијата на теренот. Губеше Македонија на ова првенство два пати по 20 разлика од Грција и Хрватска, но на тие натпревари играта на Македонија во две третини имаше ‘глава и опашка’.

Одбраната на овој меч беше дисфункционална, бавно се движеа нашите кошаркари во одбраната, лошо превземаа, центрите Самарџиски и Хендрикс рано влегоа во проблеми со личните грешки, што му овозможи на Пачулија да ја контролира играта под двата коша.

Проблематичен беше и нападот, немаше течно движење на топката и најчесто кошаркарите индивидуално ги завршуваа акциите.

Чудно прво полувреме одиграа Македонија и Грузија, двата тима играа и постигнуваа поени во серии. Македонија првиот кош од игра го постигна по шест минути, тоа Грузијците го искористија и почетното водство на Македонија од 3:2 (три поени од линијата за слободни фрлања), го претворија во позитива од 3:15.

Грузија најпрвин во шестата, а потоа и во осмата минута стигна до позитива од 14 поени (5:19, 7:21). Надеж дека лошиот старт е само момент на слабост на нашите кошаркари и даде серијата од 13:0 со која се доближија на кош негатива (20:21).

Следуваше жесток одговор на Грузија, четири минути во кои стигнаа до водство од 25:40, со кое и го најавија конечниот исход.

Последен обид да се врати во мечот Македонија го имаше во периодот од 15. до 18. минута кога со серија од 12:0 се доближи на 37:40. И потоа наместо да се одржи ритамот на игра „црвено-жолтите“ повторно попуштија во дефанзивата, нападите беа организирани хаотично, што Грузијците го претворија во водство од 37:48 на крајот од првиот дел, односно максимални во тој момент 40:56 (23. минута).

До крајот на мечот Грузијците без поголем напор ја одржуваа предноста која во еден момент достигна и 21 поен.

Хендрикс со 14 поени и седум скока и Дамјан Стојановски со 14 поени беа најефикасни кај Македонија, Трајковски постигна 13, а Костоски 12 поени.

Грузија до првата победа на ова ЕП ја предводеше Пачулија со 23 поени и 14 скокови, Маркоишвили уфрли 18, а Шенгелија 15 поени.

Во последното коло во групата, кое на програмата е денеска Македонија ќе игра против Словенија (15 часот), а Грузија за противник ќе ја има Хрватска.