МАКЕДОНИЈА ЈА НАПУШТИЛЕ 500 МЛАДИ ЛЕКАРИ!

0
949

Пристојна заработувачка, да добиваат паричен надомест додека специјализираат, но и намалување на цената на приватната специјализација и на паричната казна ако предвреме заминат од државното здравство, а специјализирале на државен трошок, се главните барања кои вчера ги обелодени Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, пренесе Утрински весник.

lekari rr

Тие се обратија до надлежните со писмо во кое бараат повеќе да не се деградираат како лекари и да се спречи заминувањето на лекарите во странство.

Поради егзистенцијални причини, во изминатите неколку години од Македонија си заминале најмалку 500 млади лекари, а овој тренд постојано расте. Според нив, платата на младите матични лекари од едвај 300 евра е повеќе од деградирачка.

Иако Фондот за здравствено осигурување донесе стимулирачки пакет од околу 40.000 денари, откако ќе се регулираат сите трошоци, платата на лекарот е 15.000 денари, додека на медицинската сестра е 10.000 денари, велат од Асоцијацијата. Додаваат дека просечната старост на актуелните матични лекари е над 55 години и бараат да се ограничи еден лекар да може да се грижи за најмногу 1.500 пациенти. Со тоа, според нив, ќе се реши и дефицитот на кадар во примарното здравство и ќе има работа и за младите лекари.

Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, пак, како што велат младите лекари, е уникатна слика бидејќи се потпира на околу 400 лекари- специјализанти, поради кои доколку си заминат ќе колабира терциерното здравство. Тие работат и прегледуваат пациенти рамо до рамо со своите постари колеги, одат на 24-часовни дежурства, а немаат социјално осигурување и нивниот статус не е регулиран.

Младите лекари реагираат и на високата цена на приватната специјализација од 8.000 до 12.000 евра, како и на висината на меницата за државната специјализација која треба да ја исплатат ако порано си заминат од државното здравство, а која изнесува 12 пати повеќе од она што државата плаќа за нивна специјализација.