Македонија се соочува со недостиг од огревно дрво – „Македонски шуми“ извезува во Грција

0
1460

ogrevno-drvo-540x270

Во пресрет на грејната сезона граѓаните на Македонија се соочуваат со недостиг од огревно дрво, што доведе до тоа нивната цена во приватните складови да се искачи до 3.500, а некаде и до 4.000 денари/м3, пишува РеволуцинерМК.

Според првите луѓе на ЈП „Македонски шуми“, зголемената побарувачка на овој огревен материјал е единствената причина што јавното претпријатие ги нема потребните количини на дрво за огрев. Во насока на смирување на ситуацијата беше и неодамнешната изјава на вицепремиерот Владимир Пешевски дека евентуалниот недостиг на огревно дрво ќе се надомести со увоз.

Со оглед на тоа што проблемот се провлекува подолг временски период, во јавноста протекоа шпекулации дека и покрај алармантниот недостиг на дрва за огрев, ЈП „Македонски шуми“ преку дел од своите подружници врши извоз на даб и бука во Република Грција по идентични цени по кои се продаваа и кај нас пред почетокот на кризата.

„ЈП „Македонски шуми“ оваа година нема извезувано огревно дрво за Република Грција. Така да констатацијата дека се извезува кога нема за граѓаните на Република Македонија не е точна. ЈП „Македонски шуми“ ќе излезе во пресрет на сите барања за огревно дрво на граѓаните на Република Македонија. Цените на огревното дрво за извоз се различни и повисоки од цените за домашниот пазар“, гласеше одговорот кој до нашата редакција го испрати помошникот директор во секторот за информатички и комуникациски технологии, инвестиции и развој при ЈП „Македонски шуми“, Коста Парлапанов.

odgovor-makedonski-shumi

Меѓутоа РеволуционерМк дојде до документ кој не само што го демантира тврдењето на г-нот Парлапанов, туку го докажува спротивното: дека преку подружницата на ЈП „Македонски шуми“ „Бигла“ од Демир Хисар, бил извршен извоз на огревно дрво во Грција!

Имено, РеволуционерМк дојде до фактурата бр.28/2015 издадена од страна на ЈП „Македонски шуми“ подружница „Бигла“- Демир Хисар, а врз основа на Испратница бр.940784 и Договор бр.02-08/283.

Faktura-1-1600x1200-800x1024

Од неа јасно се гледа дека на 26.08.2015 година, ЈП „Македонски шуми“ преку својата подружница „Бигла“ од Демир Хисар на фирмата „Папаламбру – Пан Јоанис“ од Гревена, Грција, ѝ продала 35 м3огревно дрво, од кои 7 м3 даб и 28 м3 бука.

Според фактурата потпишана од Гоце Цветановски, раководител на „Бигла“ од Демир Хисар, може да се види дека и дабовото и буковото огревно дрво е извезено по цена од 27,81 евро/м3, при што во цената не е вклучен ДДВ.

Се разбира дека овие 35 м3 не се единствениот извоз на дрва за Грција. Информациите до кои дојдовме велат дека заклучно со 01.08.2015 година, од страна на ЈП „Македонски шуми“ во Грција биле извезени 18 пратки даб со вкупна количина од 394 м3, додека со 29 пратки биле извезени дополнителни 750 м3бука. Од 1.август па сѐ до втората половина на месецот дошло до прекин во извозот на огревно дрво, за да потоа, со различен интензитет, јавното претпријатие продолжи да извезува дрво за огрев кај нашиот јужен сосед.

Извоз на огревно дрво за Грција имало и во 2014 година. Минатата година таму вкупно биле извезени 4.120 м3 дрво за огрев, од кои 3.712 м3 даб и 408 м3 бука.

Она што треба да се напомени е дека изнесените бројки и за минатата и за тековната година важат само за извоз реализиран преку граничниот премин „Меџитлија“. Останува во духот на транспарентното работење ЈП „Македонски шуми“ да им соопшти на граѓаните колкави количини на огревно дрво биле извезени за Грција преку другиот граничен премин, „Богородица“, но и да им ги објасни причините поради кои во недостиг на дрва за огрев на домашниот пазар, врши нивни извоз во соседните земји.

Обврската да го стори тоа е уште поголема ако се земе во предвид членот 2, став 4, од Законот за јавните претпријатија кој вели:

„Во извршувањето на дејностите од јавен интерес, треба да се почитуваат следниве принципи: сигурност во давањето на услугите, континуитет и квалитет на услугата, транспарентност, достапност и универзална услуга, заштита на корисниците и потрошувачите“.