Македонија, пензионерски рај што тоне во долгови!

0
1234

Привилегиите по разни основи за пензионерите можеби се оправдани, но финансиски се неодржливи. Дупката во Фондот за ПИОМ станува се` подлабока но проблемот е што власта останува комотна.Високи пензии, бесплатен превоз, бесплатни викенди, бесплатни бањи, бесплатно скијање, пишува Дојче веле.

Убаво е да си пензионер во Македонија каде близу 300.000 граѓани кои низ годините си го одработиле своето добиваат еден куп поволности од државата. Реално, веројатно потребни, но колку и реално финансиски оправдани и одржливи? Дилемите околу ваквата политика на власта не треба да бидат големи ако се анализираат податоците. Тие пак се поразителни, а веќе и алармантни! Фактот дека дупката во буџетот се` повеќе се продлабочува и се` повеќе се полни со буџетски дотации е само еден од показателите дека состојбите стануваат се` помалку одржливи. Предупредувањата на домашната експертска јавност веќе доби и поткрепа од меѓународните финансиски институции кои алармираат дека пензискиот фонд е доведен во опасност! Сепак, ваквата загриженост очигледно дека не „пали“ кај власта која напротив, уште повеќе засилува со активностите на овој план. Наместо реформски зафати, продолжува со старата пракса. Пензиите повторно ќе се зголемуваат, овој пат предизборно во декември.

Експертите предупредуваат дека проблемите во пензискиот фонд се последица на длабоките структурни општествени проблеми, клиентелизмот но и идеолошките заблуди:

„Структурните проблеми се јавуваат како последица на стареењето на населението, пред сè заради иселувањето на младите, што понатаму се манифестира како постојано влошување на соодносот осигуреници-приматели на пензија. Заради клиентелизмот, власта пензионерите ги гледа само како гласачка машинерија која треба да се придобие, заради што постојано се зголемуваат пензиите и им се даваат разни други привилегии на пензионерите, како на пример бесплатно скијање. Заради идеолошката заслепеност, имаме систем на „рамни“ и ниски даноци, кој не обезбедува доволно средства за финансирање на овие и другите ветувања. Крајниот исход е – длабока дупка во пензискиот фонд и длабок буџетски дефицит, што понатаму води до постојан раст на јавниот долг“, предупредува економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Пензискиот фонд- неодржлив?

Податоците тоа и го потврдуваат. Само за една година стапката за пензии ќе се зголеми дури за 40 милиони евра, или од 790 во 2016 на 832 милиони евра во 2017 година. Ова само дополнително ќе ја зголеми потребата од зголемени буџетски интервенции во пензискиот фонд, чии капацитети се доволни само за обезбедување на малку повеќе од половина од потребните пари.

„Ваквата состојба не може да продолжи уште долго и неопходни се сериозни промени за работите да тргнат во вистинска насока. Прво што е неопходно е да се престане со неоправданото зголемување на пензиите и останатото привилегирање на пензионерите. Второ, за да се зголемат буџетските приходи, неопходна е даночна реформа, во вид на зголемување на даноците на богатите. Трето, нужни се суштински промени во функционирањето на општеството, за да младите престанат да се иселуваат“, сугерира Јовановиќ.

Дел од упатените преупредуваат дека пензискиот фонд е неодржлив не само поради фактот што пензиската каса се надополнува со 43% од државниот буџет, туку и поради структурата на вработените во државата. Ако се земе во предвид бројот на вработени во админстрацијата тогаш е евидентно дека реалниот сектор не го полни ниту половина од пензискиот буџет што само покажува дека пензискиот фонд е неодржлив, реагира економистот Слободан Најдовски:

„Реформите треба да произлезат од анализите на постоечката состојба во насока на намалување на ослободувањата од плаќање на придонеси, зголемени приходи како резултат на растот на економијата. Доколку тоа не се случи тогаш ќе има намалување на пензиите, или зголемување на стапката на придонеси или пак зголемување на старосната граница за одење во пензија. Состојбите се резултат на погрешните политики на овој план. Во ослободувањето од придонеси на странските инвеститори, предвремено пензонирање на одредени работници од државниот апарат и јавни претпријатија за да се ослободи простор за партиските војници доведоа до влошување на состојбите во фондот“, вели Најдовски.

Растот на пензиите побрз од економскиот раст

Дополнителен проблем според упатените е што растот на пензиите во Македонија веќе во континуитет не го следи растот на домашната економија. Односно дека пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од онаа што ја остварува домашната економија. Годишниот просек на растот на БДП во изминатава деценија е нешто под 3%, или речиси двојно помалку од годишното зголемување на сметките на пензионерите.

Најдовски веќе одамна заговара растот на пензиите да се движи паралелно со растот на трошоците и на платите но тоа и законски да се регулира:

„Тоа мора законски да е регулирано и да се знае дека е тоа право на пензионерите кое го стекнале со плаќањето на придонеси во својот работен век а не да биде злоупотребено во политичко-партиска кампања и да зависи од ,,добрата“ воља на власта како што тоа го прави актуелната Влада“, смета Најдовски.

За неодржливоста на пензиските фондови и погрешните политики на овој план во континуитет предупредувања пристигнуваат и од страна на меѓународните финансиски институции. Неодамна во своите извештаи ММФ и Светска банка предупредија и на негативните ефекти од политиките на вработување, пред се на оние со државен стимул. Забележуваат дека речиси сите новокреирани работни места во минатата година биле стимулирани од Владата. Пракса што доминира не само во политиката кон странските инвеститори, туку и кон домашните претприемачи кои се мотивираат да вработуваат, а за возврат се ослободуваат од придонеси. Но со оглед дека Македонија нема аранжман со ММФ ваквите сугестии и критики не се и обврзувачки, па оттука и разбирливо што власта не демонстрира загриженост околу овие прашања. Но за разлика од кај нас, во соседна Србија на пример, која соработува со овие финансиски институции, деновиве се води вистинска војна околу планот на тамошната влада да ги зголеми платите и пензиите. Премиерот Вучиќ сака зголемување од 5% за јавниот сектор и пензионерите. ММФ дозволува само 2% за дел од јавниот сектор, а за зголемување на пензиите не сака ниту да слушне. За разлика од Србија кај нас на овој план доминира комотноста, но само за власта која ужива отворен простор за трошење и неконтролирано задолжување за реализација на своите економски политики и популистички мерки.