(Видео) Шест години затворска казна за Бобан Илиќ за смртта на малиот Алмир

0
1483

Кумановскиот суд му изрече 6 години затворска казна на 30-годишниот Бобан Илиќ, кој со своето возило на 25 јуни 2016 година го усмрти четиригодишниот Алмир Алиу по банална расправија со неговиот татко.

Сами Демири е осуден на условна казна од 9 месеци, а таткото на Алмир, Седат Алиу, на 6 месеци условна казна. Судијката рече дека сите заедно придонеле да се случи последицата, односно смртта на Алмир.

Адвокатот на семејството Алиу, Асмир Алиспагиќ, рече дека станува збор за монтиран случај. Според него, Илиќ е монструозен убиец кој не чувствува никаква морална одговорност, а тоа го докажал и со тоа што денеска не се појавил во судницата. Тој рече дека против пресудата ќе биде вложена жалба. Тој вели дека има сериозни пропусти во судската постапка.

„Судијката се осмели да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на Алмир Алиу. Ова е уште еден предмет во низата монтирани случаи од страна на Јавното обвинителство Куманово. Жалам за ова што го констатирам, јас како правник ќе се борам да докажам дека е така“, рече адвокатот.

Тој рече дека верувал дека судот ќе изрече поголема казна, но од, како што рече, неразбирливи причини беше изречена 6-годишна затворска казна. „За кримучарење мигранти се изрекуваат казни од по 10 години, овде имаме загуба на 4-годишно дете, а казната е 6 години. Овде имаме сериозен проблем во делење на правдата“, рече Алиспагиќ.

Според семејството на малиот Алиу, станува збор за неправда. Неговиот чичко, Нијази Алиу, најави дека ќе бидат поднесени кривична пријави против обвинителката и против судијката што го водела предметот.

Првично, Илиќ беше обвинет за „убиство со умисла“, но откако Обвинителството достави две нови вештачења, кумановскиот суд го преквалификуваше делото во „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Ваквата одлука на судот беше бурно проследена од страна на јавноста за што беа одржани и неколку протести во Скопје и во Куманово. Семејството на Алмир побара одновно да почне главната расправа, но судот не прифати обновување на процесот. Бобан Илиќ првично беше притворен, но по преквалификувањето на делото беше пуштен на слобода.

Обвинителката изјави дека тој направил сообраќајна несреќа со што ја загрозил безбедноста на пешаците возејќи со речиси 40 километри на час. Ваквата одлука исто така предизвика бурни реакции и во Јавното обвинителство каде што четворица обвинители изјавија дека одлуката за преквалификација е неоснована. Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека целата постапка ќе биде разгледана од етичкиот совет.

Извор : МакФакс