Лукаревска: Над 100 компании казнети за неиздавање на фискални сметки, исплатата на МОЈ ДДВ за две недели

0
1207

За првите десет месеци оваа година, Управата за јавни приходи – УЈП оствари вкупен даночен приход од 68 милијарди денари, кој е за три проценти повисок од остваренот приход минатата година, односно за 10 отсто повисок од 2017 година, информираше денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска по повод 25 годишниот јубилеј на Управата.

-Не помалку значајни резултати се постигнати и во наплатата на социјалните придонеси од плата во периодот јануари – октовмри 2019 година. Остварен е вкупен приход по основ на социјални придонеси од плата во износ од 59,4 милијарди денари. Овој износ е повисок за 8,6 проценти во однос на истиот период од 2018 година, односно за 16,3 отсто од 2017 година во истиот период, истакна Лукаревска.

Таа информираше и за повраток кон фирмите што според неа е без селекција и во однос на 2019 до октомври извршен е поврат за 41,5 проценти поголем од 2015 година.

Лукаревска потсети на реализираните проекти како што е електронскиот систем за персонален данок  Е-ПДД, потоа Системот за проценка на ризик за даночна контрола кој се воведе со цел за воспоставување на објективна и точна селекција на даночните обврзници за контрола.

Според неа, мерката Мој ДДВ ги дала очекуваните резултати, наплатата на даноците се одвива со добро темпо. Годинава очекува, како што кажа, „брилијантна“ наплата на даноци. Откако почна скенирањето на фискалните сметки над 100 компании се казнети за неиздавање на фискални сметки и посочи дека со оваа мерка се на прав пат да ја намалат сивата економија.

– Од 1 јули започнавме со реализација за проектот Мој ДДВ односно поврат на 15 проценти од платениот ДДВ кон граѓаните кој има за цел да ги врати парите кај граѓаните и да придонесе за намалувањето на сивата економија. Заклучно со денешниот ден бројот на корисници е 183.572,  скенирани се 38.514.016 фискални сметки, а остварен е прометот  од 18.877.173.838 денари. Повратот од 15 проценти е во висина од 4.986.000 евра, истакна Лукаревска.

Појасни дека исплатата за првото тромесечие, за јули, август и септември ќе започне во декември и апелираше до корисниците на апликацијата МојДДВ да го внесуваат точниот број на трансакциската сметка.

По повод 25 години УЈП Управата ќе организира крводарителска хуманитарна акција, средба со 100 компании кои се најголеми плаќачи во државава, а со претставниците од даночните админстрации од регионот ќе се одржи и тркалезна маса.

Законот за УЈП, Собранието на РМ го донесе на седницата одржана на 24 декември 1993 година, а стапи на сила од 1 јануари 1994 година. Со овој закон се форираше УЈП и се уреди работите на утврдување, контрола и наплата на јавните прихдои од даночните обврзници.