Либертас: Дали Зврлевски станал државен обвинител по награда за непостапувањето за аферата „Телеком“?!

0
1053

Откако њујоршкиот суд го отвори за јавност сведочењето на Слободан Богоевски, повторно се актуелизираше аферата „Телеком“, односно поткуп на македонски политичари во 2005 и 2006 година.

zvrle

Богоевски како приматели на митото директно ги посочи тогашниот премиер Владо Бучковски, како и неговите коалициски партнери од ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери – секој по 2,5 милиони евра. Богоевски тврди дека пари за да нема истрага во 2008 барал и екс-шефот на УБК и братучед на премиерот, Сашо Мијалков.

Посочените го негираа сведочењето на Богоевски, но сепак, факт е дека досега во Македонија немало обвинение против било кој политичар, односно испаѓа дека било дадено мито, ама дека никој не го примил?!

Во јануари 2012 година во Собранието тогашниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски рече дека нема докази за вмешаност на функционери во скандалот со Телеком.

Во прилог на сведочењето на Богоевски од кое се гледа дека повеќе партии и политичари се вклучени во аферата, оди и сознанието на Либертас според кое обвинител кој работел на случајот тогаш бил токму сегашниот државен јавен обвинител, Марко Зврлевски, кој во тоа време беше во скопското обвинителство. Се поставува прашањето, дали можеби неговото поставување за државен обвинител во јануари 2013 година е како награда за случајот „Телеком“, односно тоа што не можел да најде докази за ничија инволвираност?!

Инаку, кривична пријава против непознат сторител за случајот поднесе и СДСМ во ноември 2012 година, но и од неа нема никаков исход, односно поднесено обвинение.

И Транспаренси интернешнел – Македонија во февруари 2013 година до Зврлевски испрати нови документи од судскиот процес против „Маѓар телеком” во САД, во чија документацијата се наоѓаат имиња на високи македонски функционери од периодот меѓу 2005 и 2006 година. Станува збор за докази кои ги доставиле токму обвинетите Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамас Морваи, меѓу кои и тајниот документ насловен „Протокол за соработка” во кој се споменувале имињата на функционерите за кои сведочел и Богоевски.

Единствено охрабрувачки за случајот е тоа што потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, најави дека нешто повеќе за случајот „Телеком“ би можело да има во останатите снимки од нелегалното прислушкување кои партијата ќе му ги предаде на специјалниот обвинител кој треба да се избере до 15 септември, па за очекување е дека тој би можел да отвори истрага и за овој случај.

Извор: Либертас