Лепешка или уметност?

0
1238

или

ДАЛИ ВРЕДИ (5)

Можам да кажам дека, според поделбите по „ресори“, мене ми паѓа за објаснување најлесниот дел во разглобувањето на евентуалната идна бајка наречена „дали вреди“ да се дислоцира „спомен обележјето“ на Аце Македонски заради немање ама баш никакви уметнички вредности. Велам, тоа е најлесниот дел ако се споредува со сличната „обврска“ за неговите „вредности“, или проблематичности, како сакате, од образовен, социолошки, урбанистички, философски … и секаков друг. Иако и тоа не е претешко, зашто „материјалот“ е инспиративен!

Е сега, зошто она чудовиште среде Плоштадот „Македонија“ нема врска со уметноста? Па, прво, заради тоа што денес, особено денес, но и со векови назад, статусот уметничко дело не се стекнувал по некаков автоматизам – сам по себе и од себе – или само заради фактот што „делото“ е произведено од човек со завршен некаков уметнички факултет. Односно, не секоја лепешка, а овде станува збор токму за лепешка, произлезена од рацете на поединец со некакво уметничко образование, е – уметничко дело. Понатаму, а особено ако сте решиле едно (претпоставено уметничко) дело да завземе такво ударно, особено важно место како што е центарот на главниот град на државата, тоа дело би требало да помине барем еден стручен филтер – а под стручен филтер подразбирам реномирана и компетентна стручна комисија – што во случајов со нашиот Аце Македонски не е сторено. Поточно, имало некаква комисија на конкурсот која што одлучувала за пристигнатите предлози за пополнување на централното место на скопскиот плоштад, но таа „комисија“ била мајтап комисија. (И мислам дека за ова мора да има одговорност за тогашното раководство на општината!). Зашто, прво, како што веќе претходно напишав, таа глумела Меѓународно жири, а била составена од само, и повторно САМО два локални члена: Крум Томовски и Светлана Коруновска Аџигогова! Тоа било „меѓународното жири“, (што, инаку, правно се нарекува и лажно претставување!), кое наводно компетентно ни го сместила она чудовиште среде градот! И мислам дека квалификацијата дилетантско, нестручно, некомпетентно, лажно итн., би биле најблагите зборови за ова „меѓународно“ жири. Можам да употребам и посилни, ама и овие вршат работа. Оттука, ако двајца дилетанти и де факто лажговци, заради непознати причини, се нафатиле да глумат меѓународно жири и да одлучуваат за нешто за што немаат „три благе везе“, а по нивниот ум тогашните општински функционери на „Центар“ ни го сместиле она чудовиште среде Плоштадот, ние денес треба да се правиме дека гледаме – уметност? И да се чудиме што да правиме со чудовиштето и дали да го дислоцираме? Извинете, ама тоа се прашања за мали деца, иако и тие би го знаеле точниот одговор!

Понатаму, иако не бил исполнет ниту еден основен предуслов за да можеме да говориме за уметничко дело, можно е, како што и историјата често потврдува, накнадно да се појават реномирани и компетентни лица кои би ја „откриле“ уметничноста на дотичното дело и би не’ просветлиле за неговите вредности. Ама ни такво нешто, до денес, не се случи. А нема да се случи ни утре, ни задутре. Освен две-три локални будали подготвени за пари да величаат и обична лепешка, никој друг – домашен или меѓународен – компетентен стручњак не кажа ниту еден пофалбен збор за чудовиштето среде Плоштадот! Дури, се изнаслушавме секакви други „епитети“ што веќе ни станува незгодно пред странците да кажеме каде живееме.

Но, ајде и понатаму да си играме и да кажеме дека сето претходно речено и не е толку битно. Океј, ама тогаш што би било тоа што оној монструм го прави – уметност? Неговата големина, тежина, цена …? Тоа, за жал, или за среќа, не се валидни критериуми за едно уметничко дело. Да беше така, Скопје ќе беше најскапиот музеј на отворено во светот, а не најскапиот циркус на отворено! Уметност, за среќа, не се создава со декларации и партиски притисоци, со локални славенички мегафони и со милиони евра; уметноста не е и не може да биде секој испрдок на болни умови во потрага по сопствениот идентитет! Затоа, нашиов случај, барем од уметничка страна, е чист како солза (не Грчева, се разбира!). А чист е, бога ми, и од сите други страни. Спремен е, печен е не за дислокација туку за старо железо. Или бронза, сеедно. А бронзата и не е ефтина. И може повеќекратно да се употребува! Или (пре)продава!

Златко Теодосиевски

Превземено од ТеодосиевскиУметност