ЛДП: Македонското правосудство продолжува со апсурдите и двојните аршини

0
930

ЛДП бара оставка на градоначалникот на Битола Владимир Талески и организирање предвремени избори за градоначалник на Битола заедно со вонредните парламентарни избори на 11 декември годинава.

Според партијата, двојните аршини на македонското правосудство под диктат на ВМРО-ДПМНЕ се срам за држава која претендира да стане членка на Европската Унија.

„ЛДП бара владеењето на правото и почитувањето на Законите да се применуваат без привилегии, сите осомничени функционери за криминал и корупција да се отстранат од работа и да им се одземат сите ингеренции, вклучително и на Талески. Бараме од ВМРО-ДПМНЕ да ги осуди ваквите двојни аршини и да побара од сите свои функционери обвинети за криминал и оние за кои постојат основани сомненија за сторен криминал да се повлечат од функциите. Апелираме уште еднаш, под итно да се преиспитаат „надлежностите“ на притворениот градоначалник на Битола, Владимир Талески“, се вели во реакцијата на ЛДП.

Според ЛДП, македонското правосудство продолжува со апсурдите и двојните аршини.

„Обвинителството за спречување организиран криминал, бара од судот да им изрече мерка забрана за работа на професорите и асистентите, на Економски факултет во Скопје, осомничени за корупција, да немаат допир со студентите, додека функционерите од власта осомничени за тешки криминали се недопирливи. Најизвиканите во „бомбите“ слободно шетаат низ светот и собираат камчиња по плажите на Халкидики. Најголемиот скандал се случува во Битола, каде градоначалникот Владимир Талески, трет месец од куќен притвор ја води Општина Битола, потпишува службени документи и раководи со парите на граѓаните, додека СЈО го товари за криминал со бесплатниот школски превоз тежок 360.000 евра“, се наведува во реакцијата на ЛДП.