Латас контактирал со странски служби

0
1538

Ви го пренесуваме интервјуто на поранешниот директор на Управата за контраразузнавање, Горан Митевски дадено за Утрински на 19.01.2010.

2561

Како се чуваат документите во УБК и како е можно вакви доверливи материјали да излегуваат во јавноста?

Документите се чуваат во Службата за аналитика на Управата за безбедност и контраразузнавање, каде што се архивираат сите материјали што ги пишуваат оперативците. Според информациите што се лиферувани во медиумите, одредени министри и одговорни лица по заминувањето од функцијата зеле со себе вакви документи и си формирале лични датотеки на податоци, правеле приватни архиви. Не е првпат да излезе материјал од Управата за контраразузнавање, за жал, тоа е лоша практика.

Дали министерот за внатрешни работи има увид во документацијата на УБК?

Министрите според редот на работите немаат увид во материјали од оперативните работници. Тие имаат аналитички материјали кои се пресек на повеќе вакви материјали. Ваков материјал не може да биде доставен ниту до министер ниту до директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Последното ниво кое чита вакви материјали е началникот на Управата за контратрзузвање. Меѓутоа, од повеќе вакви материјали се прави пресек, аналитичка информација која укажува на одредена појава дека некое лице е можно да работи за странска разузнавачка служба. Таквиот аналитички материјал сигурно се доставува до министерот и до директорот на Управата за контраразузнавање.

За каков документ станува збор во написот во „Време“, Латас тврди дека се работи за фалсификат и најавува тужба?

Во тој период јас не сум бил началник на Управата за контраразузнавање и го немам видено документот, меѓутоа, според формата и содржината, ми личи дека е веродостоен. Начинот на кој е напишан, терминологијата што е употребувана, укажува дека тоа е документ од Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање. Тоа е изворен материјал од оперативен работник, односно извор, каков што користи Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање. И тој кажува за одреден настан што се случил во ресторанот „Езерце“, средба на Драган Павловиќ – Латас со припадник на амбасадата на тогашна Сојузна Република Југославија кој работел за безбедносните структури.

Латас може да тужи. Меѓутоа, Латас бил интерес на службите за безбедност и во Република Македонија и на некои странски разузнавачки служби. Така што тој и да тврди дека не е точно ова, сепак, кон него, како безбедносно интересно лице, во минатото се применувани оперативно-тактички и технички мерки, поради неговите контакти со странски разузнавачки служби. Значи, Латас може да тужи за конкретниот документ и да се докажува веродостојноста. Но, мислам дека тој не е во право, бидејќи, според содржината и формата, овој документ личи дека е веродостоен. Затоа, мислам дека не е на место неговата тужба.

Дали кога Вие бевте директор Управата имавте сознанија за активностите на Латас?

Да, додека јас бев директор имаше информации дека Латас контактира со лица од странски амбасади, меѓутоа никогаш не успеавме да собереме доволен број докази за тоа да го докажеме и да има завршница од сите тие активности. А, завршницата е со поднесување кривична пријава според член 316 од Кривичниот законик за шпионажа, при што се докажува дека одредено лице соработува со странска разузнавачка служба во Република Македонија. Не само со српската, Латас контактираше со повеќе странски служби, но не би сакал да ги споменувам.

Тогашниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов тврди дека не знаел за таков документ и дека немало кривична пријава за Латас?

Трајанов говори конкретно за палењето на американската амбасада. Факт е дека според тогашните информации за лицата што учествувале во палењето не беше името на Латас. Меѓутоа, ако не бил учесник во палењето, не значи дека не бил во организацијата на демонстрации пред американската амбасада. Имаше одредени индиции дека учествувал во организирањето, но тоа не се докажа и не е процесуирано на суд.

Lataskajmiloshevik_1_zpsb8d958ff

новинар : Оливера Војновска

Извор : Утрински