Кратка приказна за часовниците

0
1382

Во градот постоеше мала зелена трафика. Таму немаше дневен печат, магазини, мастики, бинго и грепки, немаше ниту евтина конфекција или пак берберница како што најчесто биднува во таквите мали гратчиња. Нејзиниот излогот гледаше на улицата и беше преполн со најразлични часовници.

Screenshot_1

Како мал често гледав во излогот и во тажниот часовничар кој седеше на мало дрвено столче. Погледот од секогаш ме излудуваше: безброј часовници кои отчукуваат и тажен старец со бела коса. Секогаш кога ќе погледнев во излогот денот ми се стануваш толку бесмислен што не можев да направам разлика помеѓу зависноста на локалните наркомани и самото време!

Еден ден решив да купам часовник (со единствена цел дека само така ќе го намалам нивниот број). Влегов бавно во малата продавница и без воопшто да речам нешто одбрав еден голем правоаголен часовник и му ги подадов парите на старецот.

– Тој не е на продажба синко. Жалам. – ми рече насмевнувајќи се благо и продолжи да го поправа малиот џебен часовник што го држеше во раката.

– А смеам ли да знам зошто? – му реков.

– Мислам дека не работи…да…тоа би било главната причина –  рече во три кратки серии и започна да кашла.

– Добро тогаш ќе го земам овај тука. – реков и го подигнав еден од часовниците.

– Жал ми е синко – ми рече – но и тој не е на продажба.

– Тогаш ќе одберам друг. Еве тој тука – му реков и чекав на неговиот одговор.

– Дете!  – извика,  слушни ме внимателно, ниту еден од часовниците не е за продавање!

– Тогаш зошто воопшто седиш тука  меѓу нив и го трошиш времето на времето?

– За да ме потсетуваат! – рече со видна нервоза.

– На што!? – упорно го прашував.

– На времето, – рече- на што дури би ме потсетувале цел куп часовници! Какви бесмислици! Излегувај надвор!

Излегов од трафиката и ноќта воопшто не заспав.

Утрото сите беа во паника. Се зборуваше дека некој ја запалил продавницата со часовници, дека стариот часовничар полудел, дека се шета низ градот и зборува бесмислици, мисли дека е часовник, дека полицијата го знае човекот кој што го направил сето тоа и дека веќе трага по него.

Поминав покрај местото каде порано стоеше малата трафика. Се беше престорено во пепел. Стрелките на часовниците кои беа измешани со пепелот даваа прекрасна фотографија. Се чинеше како тој што ја запил продавницата да сакал да направи слики отколку штета. Дури го замислив и како ги изместува железните стрелки низ пепелта.

Поминаа години и никој никогаш не откри кој ја запали продавницата на часовничарот. Јас веќе бев во својата 28 година и се уште немав часовник. Кога ќе ми затребаше еден, излегував надвор и го барав стариот часовничар – тој секогаш го знаеше точното време без разлика што сите кажуваа дека е тотално луд.

Изгледа никој освен мене не го прашуваше тоа што најдобро го знаеше – времето и само времето! Но да бидеме искрени – изгледаше навистина страшно соочен со големото сино небо, никој не беше навикнат да го гледа во таква фотографија.

Извор : Точка