Коцијанчич: Сите институции да ја поддржат работата на СЈО без никакви опструкции!

0
993

Европската Унија ги охрабрува сите институции во земјава да дејствуваат во рамките на обврските од Договорот од Пржино и да ја поддржат работата на Специјалното јавно обвинителство без никакви опструкции, вели за „Мета“ портпаролката на Евроската комисија, Маја Коцијанчич, во врска опструкциите што му се прават на СЈО во истрагата во Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа нагласува и важноста на правна и политичка одговорност за прислушувањето и за содржините кои произлегуваат од него.

„Како што Европската Унија претходно во неколку наврати нагласи, а минатата недела и комесарот Јоханес Хан во Скопје, Специјалниот јавен обвинител е клучен елемент од Договорот во Пржино, потпишан од сите лидери на главните политички партии. Тие сите, во повеќе наврати, се обврзаа, дека ќе ја поддржат и олеснат работата на Специјалното јавно обвинителство, без опструкции. Европската Унија силно ги охрабрува сите тела во земјата да дејствуваат во рамките на овие јасни обврски и со целосна почит за правната позиција на СЈО. Европската Унија ја нагласува важноста од правна и политичка одговорност за прислушувањето и за содржините кои произлегуваат од него. Решавањето на сериозните прашања кои се однесуваат на владеењето на правото е клучно за враќањето на земјата на евроатлантскиот пат и за враќање на довербата кај граѓаните“, вели Коцијанчич, на прашањето за коментар на последните настани поврзани со опструкцијата на работата на СЈО која ја врши Управата за безбедност и контраразузнавање, заедно со поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и дополнитениот заменик-министер Оливер Андонов.

Идентични пораки, во врска со случувањата на линија УБК – СЈО, упатија и Aмбасадата на САД во земјава, Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот на Велика Британија во Скопје, Чарлс Гарет.

Тие порачаа дека на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева мора да ѝ биде овозможено да спроведе целосна и независна истрага, без никакви опструкции, а државните институции и политичките партии да соработуваат, согласно Договорот од Пржино.