Коцијанчич: Итно да се постигне договор за преостанатото прашање

0
965

Брисел го поздрави напредокот што вчера беше постигнат на преговорите во резиденцијата на ЕУ во Пржино, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање.

– Го поздравуваме прогресот што партиите го направија за време на вчерашните разговори и ги охрабруваме итно да се договорат за преостанатото прашање, што може да се постигне со неопходна добра волја од сите страни – соопшти Маја Коцијанчич, портпаролката на Европската комисија.

Синоќешните маратонски преговори на претставниците на политичките партии завршија без конечен договор. Евроамбасадорот Аиво Орав по средбата рече дека договор не е постигнат само за едно прашање, но не откри за што станува збор.

Неофицијално, партиите не можат да се договорат околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи.

Засега не се знае кога преговорите ќе продолжат. Партиите треба да ги усогласат ставовите пред повторно да седнат на преговарачката маса.

Извор: Мета