Коцијанчич: Иванов да изврши итна консултација со политичките сили во земјата и да определи лидер за формирање на што е можно поширока влада

0
1000

Европската унија по непостигнувањето договор за формирање влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија на последните избори и ДУИ, објави дека сега очекува претседателот Ѓорге Иванов да изврши итна консултација со политичките сили во земјата и да определи лидер за формирање на „што е можно поширока влада“.

Ова денеска на прес-конференција го изјави портаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, која во име на официјален Брисел, уште еднаш предупреди дека „земјата нема време за губење“.

„Ние забележавме дека се уште не е постигнат договор за формирање нова Влада и затоа ги повикуваме сите политички актери во земјата, вклучително и претседателот, да делуваат на смирен и конструктивен начин со целосна одговорност за решавање на сегашната состојба. Знаете дека земјата нема време за губење и во овој поглед очекуваме претседателот, според Уставот, да изврши итна отворена консултација со политичките сили во земјата и брзо да определи лидер за формирање на Влада, кој ќе може да најде заедничко тло за формирање на стабилна, солидна и одговорна коалиција“, истакна Коцијанчич.