Контраспин: И инвестицискиот бум , и шпионите само во очите власта!

0
1060

За тоа каква е реалната слика и колкава корист има Македонија од „инвестицискиот бум“ доволно сликовито  покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за економски анализи (објавено во февруари 2016 година), според кои едно новоотворено работно место во странските компании што се наоѓаат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), државата ја чини 21.000 евра

Пишува: Оливера Војновска

На Конвенцијата која се одржа во „Метрополис арената“ во Скопје на 12 ноември 2016 година, на која беа претставени кандидатските листи на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за предвремените избори, Антонио Милошоски, носител на партиската листа во 5-тата изборна единициа, ја даде следната изјава која ја сметаме за политички спин:

Спин: ВМРО-ДПМНЕ е тука за да победи и за да има апсолутно мнозинство во македонското Собрание. Сакаме стабилна држава, држава која ќе напредува и тука не сме за да отвораме нови политички кризи, ние сме тука за да победиме и да отвораме нови работни места, да донесеме нови странски инвестиции. Господинот Заев нека носи нови разузнавачи и нови шпиуни, ние ќе носиме нови инвестиции 

 [Извори: ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 12.11.2016]

 

Контраспин: Говорејќи на Конвенцијата на  ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“, Антонио Милошоски, ја искористи можноста  во пресрет на изборите уште еднаш да ја нагласи посветеноста на  неговата партија  во „привлекувањето странски инвестиции и отворање на нови работни места“, а истовремено  лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да го претстави како државен непријател, небаре предавник, кој одработува за нечии странски интереси.

Најпрвин за приказната со инвестицискиот бум која владејачката партија неуморно ја турка изминативе овие години, создавајќи во јавноста слика дека оваа политичка структура напорно работи на „економскиот прогрес на државата“. Што, всушност, има  под површината на митот со странските инвестиции  и дали граѓаните навистина гo почувствуваа бенефитот на „еконосмкиот препород“?

Во февруари  2016 година, медиумите повикувајќи се на  податоците на НБРМ за првите десет месеци од минатата година, објавија дека  Македонија е на дното од регионот по приливот на странски инвестиции, а, пред сè, зад: Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Според податоците на Народната Банка на РМ (НБРМ) во 2015-та заклучно со ноември во Македонија влегле странски инвестиции со вкупна вредност од 142 милиони евра што е помалку за 32 милиони евра или за 18.5% во однос на истиот период од 2014-та.

Салдото во септември и ноември било дури и негативно кога се одлеале 21 односно 24 милиони, а во октомври било најпозитивно кога пристигнале 53 милиони евра.

Гледано по години, на Македонија најдобро ѝ одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та инвестициите биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони.

За тоа каква е реалната слика и колкава корист има Македонија од „инвестицискиот бум“ доволно сликовито  покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за економски анализи, во рамките на проектот „Дијалози за визија“ (објавено во февруари 2016 година), според кои едно новоотворено работно место во странските компании што се наоѓаат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), државата ја чини 21.000 евра. Државната помош на странските компании, пак, од 2007 до 2014 година во форма на директни субвенции, грантови, даночни ослободувања изнесувала 56,58 милиони евра.

Помошта што државата им ја дава на странските компании е нетранспарентен податок и таква бројка не може да се сретне. Но, сумата од 56,58 милиони евра ја добивме врз основа на анализа на финансиските извештаи на компаниите. Зависно од висината на странската инвестиција, таа помош се движи од 7 до 41 процент. Едно ново вработување во странските компании во ТИРЗ, државата ја чини 21.000 евра  (Весна Гарванлиева – Центар за економски анализи).

Споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ) покажува дека платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив.

Според ДЗС просечната плата во Македонија во ноември 2015-та била 22.200 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 17.555 денари. Од друга страна, според Стопанската комора на Македонија (СКМ) просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

На сето ова треба да се додаде и дека компаниите во индустриските зони 10 години се ослободени од персонален и данок на добивка, ДДВ, а имаат и царински ослободувања.

Во однос на  шпионско-разузнавачкиот филм со Заев во главна улога, владејачката партија треба конечно да  ѝ открие на јавноста каде се и кои се шпионите кои, наводно, ги носи Заев.

Во сучајот „Пуч“, кој  го обелодени лично лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред објавувањето на бомбите (31 јануари 2015 година), а кој владејачката парија толку често го (зло)употребува, лидерот на СДСМ Зоран Заев е четврто обвинет ,  но не за шпионажа, туку за „насилство спрема претставници од највисоки државни органи“, што е сосема различно.

Пред две недели (01.11.2016),  пак, судењето за овој случај беше одложено на неопределено време, а специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го обвини Судот дека една година ја манипулура јавноста и го одолговлекува судењето. Адвокатот на Заев  тогаш реагираше зошто  Судот не го поканил сведокот Груевски за закажаното рочиште. Во последното интервју за неделникот „Фокоус“, пак, Заев тврди дека прислушувањето било правено по налог на власта, а не заради странски служби. Интересно е што, веќе неколку дена од ова интервју нема никаква реакција од владејачката партија.

Така што,  изнасилениот повик на Милошоски на партиската конвенција  до Заев  да „носи нови разузнавачи и нови шпиони“, не е ништо друго туку јасен политички спин  даден во функција на политичка пресметка.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.