КОНЕЧНО ТРГНА ИСТРАГАТА: Обвинителството со докази дека Груевски со месеци го подготвувал бегството

0
1119

Никола Груевски не побегнал во последен момент туку во детали го планирал бегството, тврдат за Телма од Обвинителството. Оттаму велат дека тој не ја говорел вистината и манипулирал со јавноста бидејќи во истрагата собрале докази кои потврдуваат дека тој почнал да го планира бегството два месеци претходно, во септември.

Тоа се поклопува со информацијата на СЈО дека тој токму во септември ги повлекол сите пари од банкарските сметки во Македонија, околу 200 илјади евра што помина незабележано кај надлежните и истражните органи.

Кога, како, од каде и со чија помош Груевски ја напушти Македонија останува непознато и по вчерашното прво интервју откако тој во ноември минатата година побегна во Унгарија. Груевски вели дека не побегнал туку заминал и дека тоа било многу едноставно, ја користел личната карта, но деталите не ги откри фрлајќи ја ракавицата кон власта и истражните органи.

Обвинителката Вилма Русковска за Телма изјави дека е очекувано што Груевски не открил детали за бегството и евентуалната помош.

Тоа што не сака да каже е нормално. Кога би кажал ке треба да открие кој или кои му помогнале во бегството. Што може да превземеме, освен ова што веќе го преземаме. За иронијата, немам коментар, вели Русковска.

Како причина за бегството Груевски не кажа ништо ново. Останува на тоа дека се подготвувала негоа ликвидација во затворот, но за тоа не даде никакви конкретни докази.

Од неговата матична партија без коментар за наводите и ставоите во интервјуто но и без одговор дали тие сеуште стојат зад својот почесен претседател

Додека министерството за правда чека одговор од унгарските власти на барањето за екстрадиција а јавноста за резултатите од истрагата, Груевски без притисок размислува за своите мемоари и нивната содржина.