Комитетот за заштита на правата е згрозен од селективниот пристап на судиите во кривичниот Судот Скопје 1-Скопје

0
1185

Соопштение до јавноста

Почитувани, Комитетот за заштита на правата е згрозен од селективниот пристап на судиите во кривичниот Судот Скопје 1-Скопје. И покрај тоа што нашата држава го допре дното во однос на владеење на правото и служи како најцрн пример за работа на судството, истите тие судии кои што без грам професионалност, без достоинство и без око да им трепне исполнуваа нарачки, притвараа и осудуваа луѓе без докази, продолжуваат да се слуги на одредени политички кругови.

Пред повеќе од десетина дена, Комитетот спроведе акција за замена на мерката притвор со мерка домашен притвор, за повеќе од десетина лица, за кои експертите ангажирани од нас децидно се произнесоа дека притворот е апсолутно непотребен. Но, бидејки се работи за обични смртници, судиите одлучија тортурата да продолжи за нив, односно нивните животи да продолжат во нехуманите услови, иако нема потреба од ваквото изживување. За разлика од обичните смртници, истиот тој суд и судиите кои одлучуваат околу изрекување на мерки за обезбедување на присуство, во случајот со министерката Канческа Милеска, решија да не и го одземат ниту пасошот.

На осомничена за проневера на милиони евра судот не го одзема ниту пасошот, а на осомничени за кражба на 50 евра, истиот тој суд доделува 30 дена притвор, а притвоот понекогаш трае и со години. Со ваквиот чин, односно со ваквата донесена одлука, судот праќа јасна порака дека не беа доволни ниту политичките бомби, ниту договорот од Пржино, за да се свестат и конечно започнат да ја работат работата за која се платени.

Судиите и понатаму газат врз правото, врз уставот и законите со тоа што се обична алатка на извршната власт, кое што е против уставен чин самото по себе. Одовде, целосно се потврдува потребата од формирање на посебно судско одделение кое што ќе постапува по преметите од СЈО, бидејки целиот процес поврзан со договорот од Пржино се става под прашалник, односно постои опасност од брутално заташкување на сите пронајдени криминали и целата работа на СЈО.

Комитетот ги охрабрува политичарите, темата поврзана околу СЈО и потребата од формирање на посебно судско одделение да ја експонираат во текот на кампањата, и да се произнесат околу оваа болна тема, дали се за или против судско одделение, за граѓаните да имаат појасна слика околу ставот на партиите околу ова болно за сите нас прашање.

Ставот на Комитетот е дека, без судско одделение нема елементарни услови за правични судски процеси во работата на случаите кои се и кои ќе произлегуваат од СЈО, и дека формирањето на посебно судско одделение е првата работа која што мора да се реализира во најкраток можен рок, односно за време на првите собраниски седници.

Со почит,

Центар за Комуникации Комитет за заштита на правата