Колку чини достоинството на македонската култура?

0
1344

И да продолжам со оној „репутациски ризик“ или „убиец на вредностите“ кој ни го објасни Геровски, а за кој што, наречен со многу други имиња, ги пишував изминатите текстови. Ако тоа „нешто“, тој „репутациски ризик“ важи за бизнисот, за политиката, за медиумите, односно за сите кои произведуваат и продаваат некакви вредности, зарем тоа не важи и за македонската култура? Или таа НЕ произведува и продава вредности па низ неа може да шетаат сите локални бараби од минатиот режим? И тоа со државна поддршка? И со тенденција таа иста држава да ги обедини, просто да ги вшмука со својата беневолентност и сите балкански и белосветски бараби? Ако промената на власта по деценискиот мрак за луѓето на овој простор навистина значеше и промена на системот на вредности – иако оние претходнине всушност воведоа систем на невредности! – и (повторно) враќање кон принципите на демократијата, зарем тоа ќе ја одмине културата, и тоа само заради дваесетина-триесет битанги перјаници на криминалната банда, кои сакаат повторно да се наметнат како „вредност“ и во новото време? И зарем, најблаго речено, луѓе со „оштетена репутација“ (повторно Геровски) – а мислам дека за овие тоа е преблаг израз! – повторно ќе бидат „нашите“ (наводнициве потенцираат дека тие битанги всушност никогаш и не биле – наши) културни вредности што ќе ги промовираме пред младите овде и пред светот таму?

Да се разбереме, уште еднаш: тие никогаш не биле наши вредности! Тие секогаш биле профитери наметнувани од власта – која и да е’ – а која што имала потреба да се прикажува како патрон на културата и уметноста. Особено онаа минатата, криминална власт која што од нив направи локални провинцијални брендови (типичен оксиморон!) и ги шеташе како бели заштитени мечки докажувајќи ја преку нив својата демек културна ориентација, уметничка поддршка, иако, за право, бандитите ништо од тоа не разбираа. Ама си ги закачуваа како значки на реверот – денес еден пистел биограф, утре едно режисјорче, задутре една продуцентка … и сè така со ред, па ќе им ги причуваа децата, ќе им дадеа понекоја комисија со дебел хонорар – а овие среќни и весели се шепуреа ко пауни и паунки (белки има женски пауни?) пред колегите. Сељачаната комотно се препушташе на таквиот „третман“, сите, комплетно – од филмаџиине до писателине, од издавачине до уметницине, музичките „брендови“ до естрадните палјачовци. Сите се редеа на поклонение пред газдите, на баци-рака, ама и со својата рака подадена, јавно или скришно, за платичка, за „донација“, за „проектче“, за пензиичка … И зарем сега, преку ноќ, се – сменија? Читам еден од нив, еден наш познат биограф, „многу“, ама баш „многу“ се загрижил за младите во државава кои живеат во некакво страшно секојдневие. Ама до вчера не беше толку страшно? Им беше супер? Или, рифеншталкине се загрижени за цензурата во државава? Бреее, а она до вчера, она што им ги котеше милионите беше – демократија? За да перверзијата биде целосно заокружена, главниот архитект обвинува за украдени избори, за насилие, за поткупи. А на оној неговион десен (или беше лев?) малоумник му даваат дури и скапо платено тв време да ги дообјасни ставовите на шефот! Репутациски ризик, тоа е.

Но, поимот „репутациски ризик“ професорот Грчев (на една од дебатните емисии на ТВ „24“ каде што избриша патос со секогаш конјуктурниот македонец од она смешноно здружение што го сквернави Ангелот од Курбиново) го опишува со прашањето: колку чини достоинството на македонската култура? И тоа прашање, вака поставено, е можеби второ – или подобро речено еднакво – по важност како и прашањето на континуитетот и дисконтинуитетот (на Фрчковски) во македонската култура. Зашто, на крајот на краиштата, се’ се сведува на тоа: на достоинството, на моралот, на етиката … на образот. И само тоа останува во животот, и од животот, (барем овоземниот, за другиот – не знаеме). Сето друго е подложно на расипување, разграбување, разнесување, уништување – од материјалните богатства па надаље. И тоа е поентата која што не смееме да ја забораваме во секојдневното практикување на нештата, а особено не во општествените / државните релации. Зашто ако самите го бришеме достоинството од клучните сегменти / аспекти на нашиот идентитет, култура, секојдневие … тогаш тоа им го дозволуваме и на другите. А тие тоа одвај го чекаат. И, како и „репутацискиот ризик“, достоинството – односно неговата негативна варијанта – е нешто што ги убива вредностите во општеството: во културата, во образованието, во науката, во здравството … во политиката. Да, дури и таму, во политиката, таму каде што, нели, важат други правила и односи. Е не, не важат. Тоест – да, можеби и важат, овде, во оваа вукојебина, ама достоинството е сепак, и пред се’, на прво место. И во политиката. А овој народ, барем оној негов дел кој со срце и душа гласаше за оваа политичка опција, тоа го бара од нивните избраници. И не само „го бара“ како некакво негово имагинарно право туку, ако баш сакате, и се избори за него.

Затоа и не случајно ги спомнав примерите на вистинското решавање на проблемите – она со онаа идиотска серија, како што впрочем сета почит ја заслужуваат и потезите на новиот градоначалник на Скопје: прво со стопирањето на префасадирањето, онака, баш промптно и без многу помпа и убедување, како што би требало да следат и редица други (не само негови) потези во сите општествени сегменти што не’ гушеа во изминатата деценија. И буквално и фигуративно! Инаку, почнавме да се претвораме во ѓубриште, баш во културна депонија каде секоја будала остава дел – прилично голем, особено во обемот и „квалитетот“ на загадувањето – од својот неморал, недостоинство, патетики и лицемерие завиткано во обландата на некаков национален културен производ, а не е ни едното, ни другото ниту пак третото. Таа депонија мора итно да се затвори, замандали, отпише како опасна по здравјето на културата!

Извор: Теодосиевски уметност