Коалиција за промени: Го чекаме денот кога пастирот ќе избега од стадото

0
1010

Коалицијата за промени и правда (Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС И МОРО-РП денеска ги повикаа сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите на листите на кандидати за пратеници да не кандидираат обвинети и осомничени лица за кои се води истражна или предистражна постапка пред надлежните судови.

Оттаму велат дека максимално го уважуваат начелото на презумпција на невиност, сепак сметаат дека на ваквите лица не треба да им се дава можност евентуално да се здобијат со пратенички имунитет со што би се оневозможила или би се успорила постапката која се води против нив.

– Крајно неодговорно е, понижување на граѓаните и покажување на мускули на лица од власта, носители на високи државни функции кои со одлука на Ѓорге Иванов беа по неколкупати аболицирани, сега да бидат носители или дел од кандидатите на листите за пратеници – велат од Коалицијата.

– „Бегалци“ е култна драма во безброј чинови чии автори и режисери се криминализираните елити на партиите на власт која се одигрува и ќе се одигрува пред надлежните судови, СЈО и полицијата на Р. Македонија во сезоната 2016/2017. Ако „Бегалка“ на драмскиот писател Васил Иљоски ги претставува патријархалните и конзервативни односи во семејствата во Македонија во првата деценија на ХХ век, современата драма „Бегалци“ ги отсликува, бедата, немоќта, раскалашеноста, лагата, стравот, кукавичлукот и лажниот патриотизам на главните македонски политички актери во втората декада на XXI век. Бега Груевски од судот во процес во кој е сведок, а како ли ќе биде кога ќе почне постапката во која е обвинет? Бегаат Али Амети и Муса Џафери од судот во процес во кои тие се тужители! Бега од полицијата и од јавноста „мајчиното“ дете – министер!  Избегаа странските служби со жолти комбиња од вокабуларот на лидерот на ДПМНЕ! Ги снема амбасадорите кои се мешале во внатрешните работи на државата! Го снема пишман давачот на аболицијата! Едноставно се удрило на бегање. Го чекаме времето односно денот кога пастирот ќе избега од стадото – велат од Коалицијата.

Оттаму укажуваат дека деновиве се регистрирани околу 500 гласачи за претстојните парламентарни избори од ИЕ 7, поточно само во Австралија. Според нивните информации, претежно се запишани пензионери што остава простор за сомнеж со оглед на фактот дека пријавувањето се врши по електронски пат, а најголемиот дел од нашите иселеници во поодминати години воопшто не познаваат работа со компјутер.

Уверуваат дека и покрај тоа што кампањата се уште официјално не е почната на Австралискиот континент веќе наголемо се стартува со недозволено агитирање и тоа од лица кои не смеат да го прават тоа.

– Се работи за македонскиот амбасадор и конзул во Австралија кои наместо да ја претставуваат државата и да ги реализираат државните потреби и интереси се повеќе се ставаат во улога на агитатори на партијата која ги испратила на гурбет. Во таа смисла прашање до ДИК и до министерот за надворешни рабори Никола Поповски: Дали сметаат дека ќе имаме фер избори доколку овие државни службеници и партиски агитатори и понатаму бидат на чело на Избирачките одбори на овој континент? – прашуваат од Коалицијата.

Од Коалицијата велат дека Македонците во дијаспората се повеќе се разочарани од фактот што три изборни циклуси им се наметнува кандидат за пратеник по мислење на државните функционери, а не на нашинците во дијаспората.

– Јавно го поставуваме пршањето дали новиот кандидат на ДПМНЕ ќе биде лице од Сиднеј по предлог на амбасадорот Трпевски, патем негов близок пријател? – прашуваат од Коалицијата.

Порачуваат дека втората институција која треба да стои настрана од изборите во дијаспората е Австралиско-македонска црковна епархијата и Нов Зеланд под диригентската палка на надлежниот владика кои наместо да проповедаат религија и да го обединуваат народот за добро се впуштиле во партиска кампања. Според нивни информации, во црквите се пополнуваат апликации за гласање и се убедуваат постарите лица да гласаат за партијата на власт.

Kоалицијата за промени и правда планира своите листи на кандидати да ги објави на 9 ноември 2016 година.