Кирацовски бара инспекциски надзор за работата на ПИОМ Струмица и на МЗШВ

0
930

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски до Државниот управен инспекторат поднел иницијатива за поведување постапка за вонреден инспекциски надзор над работењето на ПИОМ-Струмица, заради, како што соопштува Кабинетот на Кирацовски, поставување билборд со политички обележја и пораки.

Поднесена е иницијатива и до Државниот инспекторат за труд за поведување постапка за вонреден инспекциски надзор над работењето на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи, се вели во соопштението, раководните лица во таа институција денеска на вработени од оваа институција им овозможиле да не доаѓаат на своите работни места затоа што биле дел од митингот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа вчера  во Охрид.

– Ги повикуваме Државниот управен инспекторат и Државниот инспекторат за труд соодветно да постапат, да ја утврдат фактичката состојба, и доколку се повредени законските норми да поднесат соодветни пријави, се вели во соопштението.