КАША ПОПАРА И БРУТАЛНИ ЗЛОУПОТРЕБИ ОД СТРАНА НА СИНДИКАЛНАТА МАФИЈА И МОБИНГ ВО А.Д. ,,МАКЕДОНСКА ПОШТА” – СКОПЈЕ

0
2497

Во текот на месец Март-2016-та година од страна на Адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп, против Раководителот на АД за поштенски сообрајќај МАКЕДОНСКА ПОШТА Скопје во државна сопственост, Подружница-ЦРПС Прилеп Златко Димоски и против др.службени лица задолжени за утврдување на правото на исплата на додаток на плата-патни трошоци до и од работното место, пред Основното Јавно обвинителство Прилеп, беше поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомневање дека пријавените сториле кривични дела „ Злоуотреба на службената положба и овластување„, „Повреда на права од работен однос„ и кривично дело „Измама во службата„

poshta prilep

Постапувајќи по кривичната пријава Основното Јавно Обвинителство во Прилеп заради проверување на наводите од кривичната пријава издало наредба и со помош на вешто лице од економска струка извршило економско вештачење од кое се утврдило дека покрај пријавениот Раководител на подружницата, кривичната пријава ќе се прошири и против други две службени лица-членови на комисијата која одлучувала за користење на овој надоместок и дека е во тек изготвување на јавнообвинителска одлука против пријавените.

Адвокатот Стеваноски укажува на низа други злоупотреби во АД Македонски пошти,како што се вмешаност на самиот Синдикатот на Поштенските и Телекомуникациските оператори на Македонија во гушење на работничките права изразени преку тивок мобинг од страна на раководителот, конкретно на оваа подружница.

Адвокатот Стеваноски за медиумите ја даде следната изјава:
„Пред неколку години еден од вработените во Македонска пошта АД Скопје подружница Прилеп, пред неговото заминување во пензија се одважи во намерата преку работен спор да го оствари правото на надоместок за годишен одмор и патни трошоци. Претходно од страна на Претседателот на Синдикатот на Поштенските и Телекомуникациските оператори на Македонија Боро Велигденов, на вработените им било укажано дека немаат право на овој надоместок. Постапката пред Основен суд Прилеп, Апелациониот суд Битола и Врховниот суд на РМ траеше неполни две години и заврши со успех, се потврди дека всушност вработените имаат право на овие надоместоци од работен однос. За времетраењето на судската постапка на барање на Претседателот на Синдикатот, Боро Велигденов остваривме средба на која Претседателот на синдикатот изрази неверување во успехот на постапката и ветување дека ако истата заврши со успех ќе ги организира вработените преку 2.000 на број, за да иницираат постапки за остварување на овој надоместок пред судовите во РМ. По конечно завршување на постапката, Претседателот на синдикатот исчезна од лицето на земјата и наместо вработените во АД Македонски пошти да ги организира и да им овозможи да си го остварат ова свое работничко право работите за вработените тргнаа во сосема друг правец.
„Само во АД Македонска пошта подружница Прилеп имав потпишани полномошна од околу 80-ет вработени за да им ги водам работните спорови пред Основен суд Прилеп, но по правосилноста на првата пресуда добиена во корист на вработен во подружницата, голем дел од вработените доаѓаа и изјавуваа дека поради огромните притисоци, закани за преместувања од едно на друго работно место и бркање од работа, нема да ги поднесуваат предметните тужби против АД Македонски пошти, односно дека се откажуваат од ова свое право. За сметка на овие, во периодот кој следеше за мал дел од вработените немаше проблем да го остварат своето право, но само преку одредени колеги блиски на вработени во подружницата, останатите и денес се жалаат на притисокот кој им се врши од страна на Раководителот на подружницата„.
Ова претпоставувам е само еден класичен пример за употребната вредност на синдикалните организации, нивната не/реална заложба во остварување на работничките права и во останатите гранки лесно може да се разоткрие преку процесот на реални напори за остварување на било кое работничко право загарантирано со Уставот на РМ, Законот за работните односи и колективните договори. Само преку провоцирање на практичната имплементација на заложбите на синдикалните организации, може да се разобличи воспоставениот систем на синдикално организирање на работниците кое служи за заштита само на интересите на работодавачите.- вели Адвокат Жарко Стеваноски во изјава дадена за медиумите.