Ката го ровари РЕЖИМОТ: СЈО отворило над 120 предистражни постапки за незаконско следење на комуникациите-прислушкување, изборни нерегуларности, незаконитости во врска со финансирањето на медиумите

0
1069

Во извештајот што го достави Специјалната јавна обвинителка до Собранието и до Советот на обвинители се дава преглед на бројот на предмети, отворени истраги и предистражни дејства преземени од 15 септември до сега. Во продолжение ви пренесуваме интегрален дел од извештајот на Јанева, доставен утрово до Собранието:

-По добиените статистички податоци од Јавното обвинителство на Република Македонија за бројот на оформени предмети за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кои се однесуваат на законски предвидениот период и утврдената динамика на работењето, до јавните обвинителства во Република Македонија испратив барање за доставување на пет предмети. Сепак и покрај ваквото мое барање од страна на обвинителствата ми беа доставени сите предмети кои беа оформени за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а кои беа наведени во статистичкиот преглед. Иако ваквиот начин на постапување ја наруши динамиката на спроведување на општиот работен план, сепак почнувајќи од 04.12.2015 година, во законскиот рок од 8 дена од приемот на предметите донесов одлуки за надлежноста. Притоа донесени се вкупно 33 решенија, од кои 31 решение за воспоставување на стварна надлежност и две решенија со кои не е воспоставена стварна надлежност бидејќи оценив дека овие предмети ниту се поврзани, ниту произлегуваат од неовластеното прислушкување.

Во извештајниот период од основањето на ова Јавно обвинителство па до 15.03.2016 година во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица. Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна: 10 лица за кривично дело “Повреда на избирачкото право” од член 159 од КЗ, 37 лица за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ, 12 лица за кривично дело “Повреда на слободата на определување на избирачите” од член 160 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето” од член 163 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од член 165 –а од КЗ, 1 лице за кривично дело “Злоупотреба на лични податоци “ од член 149 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Присилба” од член 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање” од член 151 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Шпионажа”  од член 316 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од член 311 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Повреда на рамноправноста на граѓаните” од член 137 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Изборна измама” од член 165 од КЗ и 1 лице за кривично дело “Уништување на изборен материјал” од член 164 од КЗ. Покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“ од член 394 од КЗ.

Во уписникот НСК-РО за извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите-прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Во извештајниот период имајќи го предвид целокупното постапување составени се вкупно 221 записници за испитани лица, поднесени се вкупно 140 барања за собирање потребни податоци, известувања и докази по член 287 од ЗКП, издадени се вкупно 29 наредби по член 284 од ЗКП, поднесени се и 34 барања по разни други основи до физички и до правни лица, донесени се вкупно 5 наредби за вештачење и упатени се писмени известувања во 19 предмети до повеќе физички и правни лица, поднесено е едно барање за издавање наредба за претрес и одземање на предмети, поднесенисе два предлога за привремено одземање на предмети, во 3 предмети издадени се наредби за спроведување на истражна постапка против вкупно 25 лица, дадени се 9 предлози за определување на мерка притвор, издадена е една наредба за посебна истражна мерка од ЗКП и поднесени се вкупно 10 жалби на решенија.

На 30.12.2015 година од страна на политичката партија СДСМ до ова Јавно обвинителство доставени се еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма кои што по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид на материјали. На 11.01.2016 година донесов Одлука за формирање на комисија составена од јавни обвинители во ова Јавно обвинителство за попис на примените материјали. Со одлуката го определив начинот за евидентирање на материјалите, како и рокот за завршување на пописот кој беше заклучно до 29.01.2016 година. Но, сепак, имајќи го предвид огромниот број и обем на доставени материјали и тековните обврски на јавните обвинители, откако бев информирана за истото од страна на пописната комисија, донесов нова одлука со која првично утврдениот рок го продолжив до 11.03.2016 година. По завршувањето со пописот од страна на Комисијата е констатирана следната состојба:

-На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 (петстотини четириесет и шест илјади деветстотини четириесет и осум) фајлови, од кои 540.646 (петстотини четириесет илјади шестотини четириесет и шест) се аудио фајлови и 6.302 (шест илјади триста и два) фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други).

-Во печатена форма доставени се вкупно 23 (дваесет и три) спирално укоричени книги со вкупно 18.155 (осумнаесет илјади сто педесет и пет) страници, на кои се содржани вкупно 119.088 (сто и деветнаесет илјади осумдесет и осум) транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 (илјада осумстотини дваесет и осум) листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1828.

Од страна на комисијата за констатираната состојба беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали, кој записник е составен на 619 страни.

По завршување на процесот на евидентирање на материјалите, формирав Комисија за преслушување на материјалите. Воедно воспоставени се интерни постапки за евидентирање на процесот на преслушување на материјалите, како и постапки за издвојување на разговорите кои се исклучиво од приватна природа, а во насока на почитување на приватноста на лицата кои се опфатени со таквите разговори. Оваа комисија својата работа ја започна на крајот на извештајниот период и статистички податоци за обемот на преслушаните материјали ќе биде доставен во наредниот шестмесечен извештај.

Со цел натамошно исполнување на моите законски обврски, до јавните обвинителства и судовите испратив барања за доставување на предмети со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Би укажала дека ваквите предмети не се предадени на ова Јавно обвинителство, за што следи подетално објаснување во натамошниот текст на извештајот. Ова е особено значајно и од аспект на целосна реализација на општиот работен план и персоналниот план, бидејќи при процената за предметите кои е потребно да се преземат се земаат предвид и бројот на обвинителите кои ми помагаат, како и бројот на вработени лица.

Истражните постапки и предистражните постапки се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма.

Сепак и покрај ваквата законска обврска, во текот на извештајниот период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени потешкотии од аспект на меѓу-институционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената пракса.

Имено, со постапувањето на дел од јавните обвинителства во Република Македонија спротивно на моето барање за доставување на само пет предмети и доставувањето на сите предмети содржани во статистичкиот преглед на Јавното обвинителство на Република Македонија, изразено е непочитување на динамиката на работа и автономноста на ова Јавно обвинителство. Воедно истите овие јавните обвинителства и во наредниот период одбиваа да соработуваат со ова Јавно обвинителство, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство.

Појаснувам дека согласно членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, единствено јас имам законски овластувања да се произнесам за стварната надлежност врз предметите, а обврска на јавните обвинителства е бараните предмети да ми ги достават. Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како Специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова Јавно обвинителство.

Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1 Скопје, не ги достави доказите на ова Јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова Јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети.

Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалниот јавниот обвинител.

Сепак и покрај ваквите состојби сакам да укажам дека во извештајниот период дел од институциите покажаа континуирана кооперативност и поддршката во работата на ова Јавно обвинителство, постапувајќи согласно законските обврски.

Во извештајниот период реализирана е соработка со меѓународни институции, остварени се средби со високи претставници на меѓународните фактори и безрезервно од сите е дадена поддршка на работата на ова Јавно обвинителство. Воедно и Резолуцијата на Европскиот парламент ја опфаќа работата на ова Јавно обвинителство и бара од сите политички субјекти и државни институции поддршка во работата на ова Јавно обвинителство.

Извор: Сведок