Каде тргнавте, Заев и Димитров?

0
2803

Нека живее и понатаму омразата, за тоа сонувавме откако замина Груевски, зарем не?

Понудете омраза, истоварајте ја пред нашите врати, посипете не со неа, напикајте ни ја во грло, нека биде нашата нова коска, нашето проголтано, изџвакано влакно од коса, нека никне дивото месо на Горан Стефановски, нека проплука крв од мака Милица Стојанова, таа знаеше, ние знаевме, и пак никој не дозна колку омразата ќе не сотре. Вакви, никакви, кои ниедно идно време не може да ги одвлече од омразата.

Ајде, да продолжиме да ги мразиме сите- сега мора да се мрази истата страна. Омразата мора да преживее. Тоа е нашиот македонски специјалитет- посебен круг на пеколот.

Албанците знаат дека смеат да бидат само клети Шиптари, хомосексуалците не смеат да имаат право на живот, љубовта не живее овде за никого што нема дозвола од оние кои знаат само да мразат, од тоа е и создадена оваа земја овие години на владеењето на Груевски.

Дајте да мразиме некого, земете ги советниците на Заев, зарем не мора да дојдат од редовите на груевистите, зошто не може Шарените да ги закопаме живи, нека гнијат во нашата омраза.

Никој не ги заборава новинарите кои сега ја критикуваат новата власт, тие остануваат платеници- но сега на другата страна, соголени, ничкосани, родени за да бидат мразени.

Тука е и Мухамед Зекири, омразата сега мора да опстане, во прашање е Куранот на кој тој сега се повикува кога хомосексуалците се во прашање, но зарем тој, зарем Куранот забранува право на живот, нека се гонат додека не липсаат и издивнат поинаквите од оние што забрануваат да се живее. По редот на нештата мразењето му следува и на Славчо Димитров, потоа ја запишуваме Ирена Цветковиќ, зарем е ова малку омраза на вашето мени утринава, господа? Не играјте си со оган, не смее никој да го преиспита Куранот, ниту Библијата, ние не смееме да разговараме, омраза или смрт, тоа е нашата единствена кама и заклетва.

О, како е добро да се мрази денеска и засекогаш, како низ вековите, на пример, е да, земете ја една Бугарија, зарем задоволството не е преголемо, предизвикот зарем не ви трепери во градите?

Одиме со омразата, само таа ни остана после Груевски, тој ни ја засади, негуваше, милуваше. Немојте да го разочараме, немојте да бидеме поинакви, мразењето е нашето старо писмо, ние не знаеме поинаку да се потпишеме.

Целата колумна на новинарката Биљана Секуловска може да ја прочитате ОВДЕ