Каде погреши крушевскиот градоначалник Дамчески?

0
1745

Ѓорѓи Дамчески можеби беше единствениот вмровски кадар на изборите во 2013 година кој беше избран како личност, а не како партиски претставник кој што победува само заради неговата припадност на таа партија. Иако подоцна се покажа дека постоеја низа нерегуларности во изборниот процес на државно ниво, сепак убедливата победа на Дамчески тогаш го засени секој аргумент на опозицијата.

Дамчески започна добро. Остави добар впечаток со тоа што јавното претпријатие „Македонија пат“ кратко по неговото доаѓање на чело на Општина Крушево ги закрпи дупките на патниот правец Крушево-Кривогаштани.

Се сеќавам и на моментите на одржувањето на манифестацијата “Етно-град Крушево” кога докторот Дамчески во улога на татко на градот ширеше оптимизам дека од Крушево можеме нешто да направиме.

Тој оптимизам денес повеќе не проаѓа. Ако тогаш помина, денес крушевчани би му се изнасмеале на Дамчески во лице ако прикаже добра волја кон разрешување на круцијалните потреби на градот.

Градоначалникот на Општина Крушево денес пропаѓа во летаргија, опкружен со политички аналфабети, кои знаат само за ширење омраза кон најистурените опозиционери и припадниците на албанскиот етникум во селата кои се дел од комуната. Ѓорѓи Дамчески дозволи да биде сомелен во партискиот прагматизам и простотилук, покажувајќи неспособност, а пред се’ неспремност да го менаџира тимот и да се постави себе си како лидер.

Градоначалниче, работите ти избегаа од раце!

Каде погреши градоначалникот на општина Крушево?

Веднаш по доаѓањето на власт, Ѓорѓи Дамчески мораше сериозно да го земе во предвид официјалниот податок на Државниот завод за статистика кој вели дека до 2011 година од Крушево се иселиле 3.500 луѓе. Од тогаш до сега, неофицијално, уште 1.000 крушевчани го напуштиле своето родно огниште.

Дамчески воопшто не обрна внимание на овој застрашувачки податок, кој сам по себе како бројка е скандал. Тоа е скандал за секоја претходна локална и централна власт кои дозволиле да се исели половина од населениото на Крушево.

Наместо тоа, градоначалникот брзо навлезе во меѓупартиските битки без сериозно да се заложи за главните приоритети на градот.

Дозволи да се фрлат милиони денари народни пари за елитната населба “Вршник” во која свои парцели имаат роднини на Никола Груевски. Наспроти тоа, Дамчески воопшто не инвестираше во зачувувањето на споменот на Тоше Проески, на манастирот Св. Преображение оддалечен на само неколку стотина метри од елитната населба.

Дамчески ја запостави патната ифраструктура, а на Вршник изгради асфалтни улици какви што крушевчани немаат видено во градот. Денес градот е раскопан, уништен, каллив и не го нуди она топло добредојде што некогаш го нудеше.

Градоначалникот од фамилијата Дамчески го уништи туризмот во градот. Покрај толку обележја, природни убавини на вмровскиот градоначалник треба да му се честита како успеа во Крушево да не влезе човек. Единствени туристи денес се иселените крушевчани.

Дамчески ја заборави обиколницата околу градот, која спаѓа во најбитните приоритети на град Крушево.

Дамчески и ВМРО ДПМНЕ на Крушево не му понудија никаков развој. Го оставија градот масовно да се иселува, а оние што останале во него да се задоволат со просек. Градоначалникот не покажа никаква прогресивност, ниту добра волја за некаква промена, освен празни зборови кои се губат во воздухот како никогаш да не биле ни изустени.

Срамота, градоначалниче, навистина голема срамота! Крушевчани ти порачуваат: оди си!

Пишува : Сотир Габелоски

Извор : Публикум