И Курц му го збрца на Грујо во грб : Нападот врз пратениците е шокантен акт на заплашување

0
1787

Осуда за насилството стаса вчера од Австрија и претседателството на ОБСЕ. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, претседавач со ОБСЕ, човекот кој присуствуваше на изборните митинзи на ВМРО-ДПМНЕ, го осуди насилството преку Твитер со зборовите: “Ги осудуваме инцидентите во Скопје. Насилството мора веднаш да сопре. Потребно е да се врати смиреноста и редот.”

Стаса и соопштение од ОБСЕ од Курц и генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер со силна осуда за нападот на собраниската зграда:

“Нападот на повеќе членови на Собранието, насилниот влез во зградата на Собранието – срцето на демократијата на земјата – се шокантни. Тоа е акт на заплашување, напад врз претставниците на народот што јас без колебање го осудувам”, изјави Курц.

Заниер рече дека насилството нема место во политичкиот процес и дека тоа мора веднаш на сопре а полицијата треба да осигура безбедност за членовите во Собранието а насилниците да бидат изведени пред лицето на правдата.

Двајцата повикуваат на дијалог помеѓу политичките актери и почитување на резултатите од декемврските избори.

Осуда стаса и од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер, шокиран, како што вели, од нападите во Собранието.

Насилството во македонското Собрание утре ќе биде тема и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи кој се одржува на Малта.

Комесарот за проширување Јоханес Хан на Твитер објави дека стасал во Малта на состанокот и најави министерска дебата посветена на Западниот Балкан.

Средбата се одржува пред самитот на ЕУ посветен на излегувањето на Велика Британија од ЕУ закажан за сабота.

Осуда и од евопскиот пратеник Едвард Кукан. Тој преку Твитер застана зад соопштението на Могерини и Хан и рече дека насилството нема место во демократските институции.

Но настаните во Македонија и реакциите кои стасуваат и од балканските земји, министерската а најверојатно и самитската средба ќе имаат малку проширена агенда.

И Канада го осуди насилството и го поддржа изборот на Талат Џафери како претседател на Собранието “како позитивен чекор во решавањето на политичкиот ќорсокак во Македонија” и охбрабрува почеток на политички дијалог.

Нема сомнение дека пораките од меѓународната заедница ќе продолжат да стасуваат и во текот на наредните денови а можни се и посети на високите функционери на ЕУ и нејзините земји членки доколку ситуацијата продолжи да се заострува.