И Движењето за реформи на ДПА нема да учествува на изборите на 5 јуни

0
1250

Централното претседателство на Движењето за реформи на ДПА што го предводи струшкиот градоначалник Зијадин Села денеска во Тетово одржа состанок на кој донесе одлука дека во постојните услови партијата нема да учествува на изборите на 5 јуни.

– Движењето за реформи на ДПА е за избори со стандарди за кои тврдиме дека во моментов не се исполнети. Нашата партија ќе го чека мислењето на Државната изборна комисија околу изборачкиот список и доколку сметаме ќе имаме и друг став во наредните денови, изјави претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села.

Тој апелираше до меѓународната заедница да помогне во надминување на кризата околу изборниот процес.

– Апелирам до европската заедница и САД да не дозволуваат уште еднаш да се манипулира со волјата за промени на граѓаните, истакна Села.

Од Движењето за реформи на ДПА сметаат дека изборите треба да се организираат со учество и консензус на сите политички партии за да се гарантира вистински легитимитет на изборниот процес и неговите резултати.