И Али Ахмети добива куртон телевизија, на 21 месецов стартува ТВ 21 која ќе ја воспева ДУИ

0
1625

На 21-ви овој месец најавен е старт на нова телевизија на албански јазик, ТВ 21. Основач на оваа телевизија е сопственикот на ТВ 21 и во Приштина, некогашниот новинар Еуген Сарачини.

11895025_684210965042444_4483226633566017334_o-540x200

Телевизијата ќе има ексклузивен простор, поранешното кино Вардар на улица Македонија во Скопје. Отварањето е најавено за 21-ви овој месец а упатените велат дека и скопската како и приштинската телевизија располага со најнова техника и модерни студија.

Директор на оваа телевизија е поранешниот министер за економија од ДУИ Ваљон Сараќини.

Билборди за телевизијата со најава дека стартува месецов има низ Скопје, Тетово, Струга и дрги населени места во Македонија, како и реклами на албанските портали.

Дозвола за работа, како што објави Либертас, оваа телевизија доби од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во април годинава. Информацијата тогаш беше дека за добивање дозвола по итна постапка лобирале ДУИ и ја донеле заеднички членови на агенцијата од владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Во новинарските кругови новата телевизија на албански јазик се коментира дека е блиска на владеачката ДУИ и всушност нејзин „производ“ за одземање на приматот на популарната и влијателна Алсат-М телевизија,со чија уредувачка политика, особено последнава година, ДУИ не е задоволна.

Алсат-М и нејзиниот главен уредник Мухамед Зекири отворено се спротивставуваат на потезите на владеачката ДУИ, пред се нејзиното останување во владеачката коалиција и со тоа и подршка на диктатурата на Груевски.

Алсат-М е влијателна и гледана и кај македонските граѓани, и последните сондажи ја искачија на второто место по гледаност, веднаш зад Сител, која се уште, заради турските серии, го држи приматот.

Моќта на Алсат-М и уредувачка политика која не им одговара подолго време во врвот на ДУИ, ги натера да направат се приштинската ТВ 21 да отвори своја телевизија и во Македонија.

Главниот уредник на Алсат-М, минатата недела во интервју за Фокус изјави дека владеачката ДУИ се распаѓа и дека лидерот Ахмети е минато време за албанскиот електорат во Македонија.

Дали навистина ТВ 21 ќе биде провладин наместо професионален медиум, и дали е таа всушност телевизија на скопското крило на ДУИ блиско до контроверзниот Бекир Асани, ќе покаже содржината на програмата на телевизијата која стартува на 21-ви месецов. Засега само челниот човек, директорот Ваљон Сараќини е поранешен министер и има партиско педигре.