Иселеници вметнати во Избирачкиот список без да се пријават

0
1548

Maкедонка од САД кога сакала да ја пополни пријавата за гласање на декемвриските избори, дознала дека веќе некој ја пријавил, пишува ЦИВИЛ.

Иселеничката на 6-ти ноември, сакала да ја пополни пријавата на ДИК, но дознала дека неа веќе некој ја пријавил на 28-ми октомври и дека пријавата е одобрена на 29-ти октомври.

Случајот на набљудувачот на ЦИВИЛ – Центар за слобода му го пријавил нејзиниот син кој, исто така, живее во САД и тој потенцира дека сака да дознае – како и по кој основ неговата мајка е пријавена за гласање.

-Целата ситуација е чудна. Јас, татко ми и мојата сопруга, на 6-ти ноември уредно се пријавивме, но кога мојата мајка се обиде да се пријави, доби информација дека е веќе пријавена. Не ми е јасно како е тоа возможно? Затоа што при пополнување на пријавата, задолжително е да се приложи валиден документ за престој во странство. Со ист ваков случај се соочи и пријателка на мојата сопруга, која исто така, живее во САД, и на неа не ѝ е јасно, како може некој друг да ја пријави во нејзино име?! – изјави синот на оштетената избирачка, чиј идентитет, како и идентитетот на нејзиниот син, им се познати на ЦИВИЛ.

Соговорникот на набљудувачот на ЦИВИЛ, потенцирал дека постои уште еден ваков случај на брат и сестра, државјани на Македонија кои живеат во истиот град во САД, кои го имале истото искуство – некој ги пријавил за гласање на изборите, користејќи ги нивните лични податоци, како самите да се пријавиле.