Интервју со Шекеринска: На Груевски му се избројани деновиве

0
1183

Ви го пренесуваме интервјуто на заменик-претседателката Радмила Шекеринска, за Слободен печат:

R.Sekerinska-bTV-540x338

Таман помисливме дека се случува затишје во напорите за решавање на политичката криза, доаѓа новата рунда на четворката партиски лидери. Сега се спомнува и конкретен датум – 29 јуни, како некаков рок за да се постигне макар начелен, или рамковен договор. Дали очекувате конечно да влеземе во разрешница?

– Стана јасно дека Македонија има влада без легитимитет и кредибилитет. Стана јасно дека нема бегање од преодна влада задолжена да ги организира следните избори. Јасно е дека Груевски не може да ја води таа влада. Но, стана јасна и уште една работа: дека во Македонија нормалните политички правила не важат, па и очекувањата се опасна работа. Разговорите покажаа во кој правец треба да оди разрешницата: предвремени избори, кои нема да ги организира Груевски, туку преодна влада. Дали тие ќе успеат да најдат решение за ова клучно прашање – тоа веќе е потешко за прогнозирање. Но, немаме премногу време за договор. Секој поминат ден без решение е изгубен ден за Македонија, а целото одолговлекување е заради „сраснатоста“ на ДПМНЕ со своите фотелји. За тоа нема оправдување.

Има ли подготвеност кај СДСМ да се согласи на покус период од посакуваните минимум осум месеци, во кој владата што ќе ги подготвува изборите би била без Груевски? Бугарскиот модел што се спомнува сè почесто вели шест месеци техничка влада пред секои избори.

– Нема да лицитирам со позиции, но ќе бидам многу јасна за нашите цели. Целта не е да излеземе поербап од преговарачката сала, туку реално да го демонтираме барем дел од системот што нè донесе на ова „дереџе“. Македонија не може да си дозволи „договори заради договори“ или нови „палома договори“. Доколку намерата на власта е да наметне политичка „шминка“ без суштинска промена, тогаш јасно е дека таков договор не ни е потребен и не им носи корист на граѓаните, туку значи само продолжување и продлабочување на агонијата. СДСМ нема право да прифати каков било договор што нема да содржи суштински гаранции за враќање на довербата во институциите, особено заради организирање фер и слободни избори.

Има ли СДСМ план како понатаму ако инаетењето на Груевски продолжи и по крајот на јуни? Доаѓа летото, тензијата природно ќе почне да се намалува, дел од луѓето во земјава ќе заминат на одмор. Најавувате некакво интензивирање на активностите, но реално ли е да се очекува такво нешто во јули и во август?

– Имаме. Притисокот ќе се зголемува и ќе се менува. Автократите не сакаат изненадувања, тие сакаат од другата страна да видат предвидливост и репетитивност. Нема да им го пружиме тоа. Затоа, ќе нè разберете кога не ги најавуваме конкретните чекори. Тие ќе бидат прилагодени на сезоната, но пред сè на целта: подобра, променета Македонија.

Претседателот на СДСМ, Заев, постојано ги фали напорите на меѓународната заедница за решавање на кризата. Од друга страна, јавноста, барем оној дел од неа што се надева на пад на режимот, со многу фрустрација ја следи немоќта на странскиот фактор посилно и порешително да го притисне Груевски да си поднесе оставка. Постои ли двоен стандард кај меѓународната заедница – нешто што во западните демократии би било непоимливо да заврши без оставка на премиер, на Западниот Балкан да се третира како прифатлив дел од политичкиот фолклор?

– На Европската комисија и воопшто на меѓународната заедница им е јасно што се случува во Македонија. Немојте да мислите дека не им е јасно. Доволно е да се погледне извештајот и препораките на Прибе (поранешниот директор во ЕК), кој ја раководеше експертската група ангажирана од Европската комисија за да ги скенира состојбите во Македонија. Тој извештај ја потврдува суштината на клучниот проблем во Македонија – дека во државава допрва „треба да се задоволат клучните стандарди за демократско владеење“. Замислете, 9 години по добивање на кандидатскиот статус, ние сме вратени на поправен испит на клучниот демократски критериум. Во најголем дел од извештајот провејува впечатокот дека закони има, но дека недостига политичка волја за нивно спроведување или самоцензура, не само кај поединци и кај институции. Значи, ЕУ знае што не чини и знае дека тоа мора да се менува. Но, од друга страна, тоа не значи дека се подготвени да ни влезат „дома“ и да ни „подарат“ демократија. За демократија и Европската унија и меѓународната заедница оставаат да си се изборат граѓаните во земјата што го има тој проблем. Тие укажуваат и еве веќе стигнаа од сите страни од меѓународната заедница потврди и укажувања дека работите во Македонија одат на лошо. Ние сме тие што треба да ја сфатиме сериозно нашата обврска, говорам секој од нас како поединец, дека мора да се избориме со оваа несериозна власт што ја турка земјава подлабоко во кризата. Со влегување во разговори со ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата покажува добра волја и спремност да помогне во надминување на кризата на системот што ја создаде владејачката коалиција со најгрубата злоупотреба на институциите, со изборната измама, со кршењето на човековите права… Со учеството на разговорите во Скопје и во Брисел, СДСМ прифаќа да помогне во враќањето на демократските вредности во земјава, затоа што граѓаните што се обединија на 17 мај на масовниот протест против власта, се граѓани за кои евроатлантската перспектива на Македонија нема алтернатива.

Не можам а да не Ве прашам конкретно за посредништвото на Хан – има ли според Вас пристрасност во начинот на кој се водат разговорите или онаа несреќна вашингтонска изјава ја сметате за гаф што е коригиран?

– Никој не е имун на грешки. Не се буди ниту заспива комесарот Хан со извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Македонија. Нам ни беше важно да го дигнеме алармот и да потсетиме дека минатогодишните избори беа сè, само не фер и демократски. Корекцијата што стигна во писменото соопштение од Европската комисија и изјавата на Хан заедно со генералниот секретар на ОБСЕ, ги потврдија нашите коментари и зборови. Ги потсетија сите на многубројните недостатоци во изборниот процес: мешање на државата и партијата, лош Избирачки список, притисоци и уцени, пристрасни медиуми итн.

Дополнително, коментарите во извештајот на Прибе тоа само го потврдуваат: „Видлива директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности, вклучувајќи изборна измама, корупција, злоупотреба на моќ и авторитет, конфликт на интереси, уцена, изнудување (притисок на јавни службеници да гласаат за одредена партија од страв дека ќе бидат отпуштени)…“. Што повеќе? Има ли криминал што веќе не е виден и од Брисел?

Американскиот амбасадор Џес Бејли е редовно присутен на разговорите. Но, водечката улога во олеснувањето на разговорите сè уште му е оставена на Брисел. Има ли некакви најави за поголемо инволвирање на американската дипломатија во процесот?

– Улогата на амбасадорот Бејли во разговорите е од големо значење и од голема помош во текот на целиот процес досега за решавање на политичката криза. Посветеното ангажирање на амбасадорот Бејли, заедно со евро-амбасадорот Орав веќе има резултати, така што може да се каже дека САД се добро запознаени со сите случувања во Македонија и не само што го следат развојот на настаните туку и даваат придонес во обидите за решавање на проблемот.

Вчера јавноста беше информирана за детали од извештајот на експертската група предводена од Прибе, која на барање на Европската комисија ги скенираше состојбите во Македонија. Впечаток е, а тоа го потврдува и завчерашното интервју на Заев, дека групата прилично прецизно ги нотирала сите аномалии на македонскиот систем. Намерно не велам на македонската демократија, зашто и самиот извештај, како што сме информирани, а и Вие ми потврдивте, вели дека суштината на демократското владеење во Македонија допрва треба да биде постигната. Дали е нормално една ваква констатација „да ја краси“ земја-кандидат за членство во ЕУ?

– Да, како што реков претходно, извештајот на експертската група предводена од г. Прибе, како ниеден извештај досега, содржи оценки што сликовито ја одразуваат ситуацијата во Македонија. Во него се наведени сите проблематични точки на коишто, веќе не се сопнува, туку падна и е повредена демократијата во Македонија.

Видете, во извештајот децидно е наведено дека снимките што ги презентиравме, „според квалитетот, опсегот и бројноста потврдуваат дека се направени во просториите на националната разузнавачка служба“! Понатаму, внимавајте на овој дел, дека парламентарните надзорни комисии „имаат недостиг од волја за практикување на нивниот мандат“. Потврдено од европските експерти е она на што ние постојано алармираме, дека само „теоретски“ е воспоставен систем на парламентарен надзор во форма на двете комисии, за надзор над работата на УБК и за надзор над спроведувањето посебни истражни мерки од страна на МВР. Предмет на загриженост на експертската група на Европската комисија е, еве ќе цитирам уште еден дел, „фамилијарната поврзаност помеѓу високопозиционирани политичари и носители на високи функции во УБК и во Јавното обвинителство, што создава ризична средина за конфликт на интереси“.

Во препораките се инсистира на истрага за содржината на разговорите и тоа „без двоумење и без страв, неселективно, со приоритет на најсериозните кривични дела“ бидејќи и групата констатирала дека во судството постои „атмосфера на притисок и несигурност“, дека притворот се злоупотребува за изнудување признанија и слично.

Дополнително, прецизно е наведено дека состојбата со медиумите е далеку полоша од изминатите години и една од клучните работи е проблемот со корупцијата, за кој се констатира дека е доволно значаен за да биде предмет на посебен извештај. Во сето ова лежи одговорот на прашањето, дали е ова нормално за земја-кандидатка. Секако дека е ненормално, затоа и ние, наведувајќи ги сите овие состојби како сериозна закана и за граѓаните и за Македонија, велиме дека нашата цел е нормализација на државата. Секоја сериозна власт би се засрамила до каде ја донесе Република Македонија, која во 2005 година беше на исто рамниште со Хрватска, достојна кандидатка за членство во ЕУ. Груевски и неговите соработници немаат ни срам ни совест. Да имаа ова нема да го стореа.

По ваков извештај и препораки, секоја влада ќе мораше да замине. Нашава, живот дава, ама власт не.

Имаме информации дека првото поглавје од тој извештај се занимава со работата на ДБК. Дали ако тоа е вистина, всушност, значи потврда на главното тврдење на опозицијата поврзано со „бомбите“, имено, дека власта преку ДБК е таа што го нарачала и извршила масовното прислушување на граѓаните во Македонија?

– Секако дека е. Според информациите што ги имаме, и од средбите со граѓаните и од анкети, речиси и да нема некој што повеќе верува дека прислушувањето во Македонија го правеле странски служби, како што тврдеше Груевски. Па од ова тврдење се повлече веќе и самиот тој. Не споменува ни жолти комбиња, ни некакви тактички опреми, дури во интервју, во официјална изјава рече дека не гледа причина зошто некоја од моќните држави би прислушувала. Она што заслужува посебно внимание се наодите на извештајот на Прибе во кои е констатирано дека надлежната парламентарна Комисија за надзор над работата на УБК „е спречена да врши инспекции во УБК“. Еве на што го темелат тој факт. Од вкупно 5 члена, секогаш постојат еден или двајца кои немаат безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации, а сертификатот го издава самата УБК, па „очигледен е конфликт на интереси“. Тоа е прецизно кажано. Нотиран е и апсурдот дека УБК има голем број вработени, а релативно мал број на судски наредби годишно за следење на комуникациите. Или на пример, во извештајот се укажува дека „УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема што дозволува отсликување на телекомуникацискиот сигнал“. Нема дилема, власта на Груевски го нарачала масовното прислушување во Македонија, со тоа прекршила елементарни човекови права, Устав, закони, меѓународни конвенции и за тоа мора да има одговорност.

Освен ДБК, извештајот се занимава и со другите „стари“ болки на земјава – независноста на судството и на медиумите, изборните нерегуларности, поклопеноста на институциите со партиите на власт. Сметате ли дека „пусулчето“ со барање за реформи што вчера Брисел му го испорача на вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, значи уште една шанса за оваа влада да направи некакви промени? И можно ли е некој во ЕУ се уште да смета дека во Скопје постои макар елементарна волја да се исправа нешто што макотрпно е инсталирано како партиска империја?

– Станува збор за земји во коишто практикувањето на демократијата не се доведува ни во сон под некаков знак прашање. Таа во 21 век едноставно се подразбира. Оној кој толку длабоко загазил во криминал, корупција, непочитување на базичните стандарди едноставно го снемува од политичката сцена, не затоа што други така сакаат, туку затоа што тој бега, да не се соочи со полошо од она во што влегол. По ваков европски извештај, не на опозицијата во Македонија, не на 83 невладини граѓански организации коишто бараат оставка од Груевски, некој друг „Никола Груевски“ ни минута не би седел во Владата. Таква перцепција да има за некого, со такви факти, аудио докази, аргументи, експертизи – тој самиот би заминал. Но искуството покажа со каков човек имаме работа и затоа останува да видиме како ќе се носи со ситуацијата Груевски и после најновата бомба што дојде, ама од Брисел. Да се повлечеше порано, немаше да го доживее овој тежок дебакл на неговото 9 годишно владеење, потврден и со меѓународен извештај. Колку подолго остане во премиерскиот кабинет на Илинденска, толку полошо за Груевски. Деновите се одбројани.

Колку овој извештај е показател за тоа како ќе изгледа годишниот извештај за напредокот на Македонија, кој официјално ќе ни биде испорачан на есен, но веќе се пишува? Може ли земја со вакви и со волку аномалии да се надева дека ќе ја задржи препораката за разговори за членство?

– Можно е Македонија да ја задржи препораката. Можно е, ако се исполни договорот од 2 јуни и се организира влада што ќе се посвети на сите проблематични области. Правејќи пат за фер и демократски избори, таа влада ќе ги решава и нерегуларностите нотирани во извештаите на Европската комисија, на ОБСЕ/ОДИХР и со тоа ќе покажеме пресвртна добра волја Македонија да напредува на евроинтеграцискиот пат. Оти она што досега го имаме е лажна волја изразена од страна на власта, не искрена. Дали Македонија ќе ја задржи препораката, за сите и дома и во Европа е јасно, е одговорност пред сè на Никола Груевски. Ако тој и групата што ѝ ги нанеле сите овие зла на Македонија инсистираат да останат во владата, ситуацијата само ќе се влошува и секако со ваков критичен извештај и со толку проблеми, Македонија е многу веројатно дека може да ја изгуби препораката. Ние како партија многу вложивме во европската перспектива на Македонија и ќе направиме сè што е во наша моќ тоа да не се случи, но работите пред сè зависат од Никола Груевски и неговите соработници.

Заев рече дека ако во 2016 година има фер, слободни и демократски избори, СДСМ ќе победи со 100.000 разлика. Очекувано е партиските првенци да шират оптимизам меѓу своето членство и кај граѓаните што ги поддржуваат. Сепак, веројатно и вам во раководството на СДСМ ви е јасно дека клиентелизмот што во последно време толку го споменувате не се искоренува толку лесно за неколку месеци. Исто така, конфискацијата на криминално создадениот капитал не може да се направи толку брзо и дел од тој капитал ќе се појави на изборите како предност на актуелната власт. Дали и евентуална техничка влада без Груевски сметате дека е цврст гарант за тоа дека волјата на граѓаните во целост ќе се рефлектира во изборните резултати? Верувате ли дека е можно да имаме избори со нулта изборна корупција?

– Владата што треба да ги организира следните избори, треба да ги создаде елементарните услови за фер и демократски избори. Тоа ќе подразбере ослободување на граѓаните и на институциите од притисоците на власта на коишто се изложени, ослободување на судството и на медиумите од директната корупција и контрола од страна на власта. Ако некој знае дека, доколку постапи спротивно на Изборниот законик, може да заврши со неколку годишна затворска казна, а не како досега, влакно од главата да не му фали, секако дека ќе се подразмисли дали ќе влезе во кривичното дело, кое и да е тоа. Ние веруваме дека ако добро се организира владата што треба да ги организира и спроведе изборите, тоа ќе биде силен инпут кон слободно изразување на волјата на избирачите.

Точно ли е дека анкетите што се прават од почетокот на објавувањето на „бомбите“ до овој момент покажуваа големо прелевање на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ во графата на неопределените? Како планирате овие луѓе, кои очигледно ја изгубиле довербата на владејачката партија, да ги придобиете да станат гласачи на СДСМ? Бомбите, јасно е, не се доволни.

– И во ваква констелација на околности каква што е општествено-политичката клима во Македонија, има голем раст на рејтингот на СДСМ. Точно е, истражувањата покажуваат и раст на бројот на неопределените – меѓу нив се најчесто луѓе кои или не гласаат или не сакаат да кажат за кого ќе гласаат. Но, оваа категорија граѓани сигурно не гласа за власта. Ние имаме квалитетна Програма, за целиот период на објавувањето на т.н. бомби, што подразбира негативна кампања, сведоци сте дека не престанавме со теренските активности, дури и во Кампот на слободата организиравме трибини, на кои се разговараше за проблемите но и за решенијата што ги нудиме. И за време на промоцијата на Програмата на СДСМ пред изборите, и во реализацијата на проектот Од врата на врата, ние добивме поддршка од граѓаните и видовме дека е прекршен филмот што го правеше власта, дека СДСМ, наводно, нема програма. Секако дека во периодот што престои, доколку дојде до решение на политичката криза, ќе се посветиме уште повеќе на објаснување на решенијата за враќање на средната класа, коишто ќе донесат враќање на достоинството на граѓаните.

Според една од тие анкети, дури 15 отсто од Албанците рекле дека ќе гласаат за СДСМ, што, ако е точно, е нов момент во македонската плуралистичка сцена, од независноста до денес. Како го коментирате овој податок и дали однесувањето на ДУИ, ни ваму ни таму, е резултат и на страв дека етничкиот префикс на партиите станува се поневажен кај граѓаните со различна етничка припадност?

– Во последниве два-три месеци е значително зголемен бројот на граѓани што сакаат да се зачленат во СДСМ. Меѓу нив има Македонци, Албанци, Турци, Срби, има од повеќе етнички заедници, со тоа навистина станува уште поголема одговорноста на СДСМ во чекорите за одбрана на интересите на граѓаните и на државата. Велат дека секоја криза нуди и шанса. Ова е тоа, шанса да избегаме од партиите по строги етнички линии, од политиките на конфронтација и сеење страв, од политичарите кои сакаат да ги држат своите граѓани во етничко „трло“. Ним овие тенденции им пречат. За нив се лоши, но за Македонија се зрак надеж за нормален живот и стабилна држава.

Не се плашите ли дека одолговлекувањето на објавувањето на вистината за случајот „Монструм“, барем оној дел од вистината што ви е достапен, е закана да ја изгубите стекнатата доверба кај Албанците?

– Ние ветивме дека вистината за случајот кај Смилковското Езеро ќе излезе на виделина и од тоа нема да отстапиме. Во разговорите со најголем дел од граѓаните имаме разбирање за нашата внимателност. Постојат неформални групи или ако сакате и политички групи, кои едвај чекаат да се наштети на ваквата нова атмосфера во Македонија. Она што исто така можам да го ветам, е дека ќе се заложиме, не само вистината да се дознае, туку и низ една транспарентна институционална постапка случајот да добие соодветна разврска.

Дали обновувањето на разговорите значи и обновување на мораториумот за „бомбите“?

– Прво да објаснам, ова се разговори за можно отворање разговори. Разговори ќе има дури откако ќе се согласиме дека Груевски и неговите соработници инволвирани во незаконските и инкриминирачи дејства нема да бидат дел од владата. Доколку биде постигнат договор на мирен начин, преку дијалог, што го посакуваат мнозинството граѓани на Република Македонија, тоа ќе биде големо олеснување за сите. Граѓаните на Македонија ќе ја дознаат вистината за Македонија како што ја ветивме, но преку процесуирање на случаите низ институциите, доколку владата во транзицискиот период, како што се очекува, гарантира и услови за независна работа на надлежните органи. Во спротивно сè друго што ни стои на располагање како демократски механизам е можно.