Изјава во интервју на Заев за Вечерњи лист : Ќе ја формирам новата реформска Влада во Македонија!

0
1398

Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за хрватскиот весник Вечерњи лист

Вечерњи лист: Дали е постигнат договор помеѓу политичките партии да го добиете мандатот за состав на новата Влада во Македонија?

Заев: Јас ќе ја формирам новата Влада во Република Македонија. Ја имам поддршката од 67 пратеници за да бидам мандатар. Овие 67 пратеници претставуваат околу 700.000 граѓани на Македонија кои на кредибилни избори гласаа на 11 декември. Никој нема право да ја погази волјата на мнозинството граѓани изразена на демократски начин преку избори. Мора да се почитува мнозинската волја, тоа е порака и од домашната јавност и од меѓународната заедница. Никола Груевски имаше можност да формира Влада – не успеја. Не може затоа што Груевски не успеал да формира Влада, да нема нова Влада, кога на демократски, легитимен начин, познат за целиот демократски свет, е формирано новото парламентарно мнозинство, кое што е одраз на волјата на граѓаните изразена на избори. Тие со пенкало и глас се изјаснија за промена на режимската власт и живот и развој на демократска и европска Македонија! И тоа е патот на Македонија!

Тоа што Ѓорге Иванов одлучи да оди спротивно на волјата на граѓаните и да не ми го додели мандатот е неуставно и недозволиво. Тој излезе со двојни стандарди.
Кога му го додели мандатот на Никола Груевски, ниту бараше парламентарно мнизинство, ниту му пречеше што Груевски преговара со лидерот на ДУИ, Ахмети од позиција на потписник на заедничката изјава на албанските партии. Но, еден изговор му разбивме. За да ја разобличам лагата за некакви постапки спротивни на државните интереси на Македонија, јавно ја објавивив Програмата на новата реформска Влада на граѓаните на Македонија, којашто ги гарантира унитарноста и суверенитетот на државата, перспективите на Македонија во ЕУ и НАТО, владееењето на правото, економски развој и социјална кохезија. Тоа се клучните приоритети за сите граѓани на Македонија, независно од каква било различност. И вториот ќе му го разбиеме. Бидејки Иванов тврдеше дека уставно бил ограничен да ми го даде мандатот, за да му олесниме, како парламентарно мнозинство од 67 пратеници, поднесовме иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Парламентот, на којашто очекувам во понеделник, да се избере претседател на Собранието на Р.Македонија. Тој ќе го извести Иванов дека е формирано парламентарното мнозинство и дека е должен веднаш да ми го даде мандатот.

ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ги закочи парламентарните процедури, но повлековме уште еден чекор во интерес на декократскиот развој на Македонија. Иако тие го немаат парламентарното мнозинство, ние го имаме, одлучивме да го прифатиме нивното неразумно барање да го имаат челното место во Комисијата за избори и именувања. Со тоа отворивме пат за собраниската седница на којашто треба да биде избран новиот претседател. И јас очекувам дека нема го користам целиот уставен рок од 20 дена, туку дека многу побрзо ќе излезам со составот на новата реформска Влада. Македонија за брзо време ќе ја добие новата Влада.

Вечерњи лист: Граѓанската инизијатива се закани дека насилно ќе влезе во Парламентот за да го спречи гласањето на новата Влада на чело со Вас. Стравувате ли од немири и вондерна состојба во Македонија?

Заев: За сите, дури и за граѓаните што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги вознемируваат со лажните вести преку медиумите под нивна контрола, е веќе јасно дека блокадата на демократските процеси и формирањето нова Влада, од страна на Иванов, од страна на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот, поттикнувањето поделби, насилство, меѓуетнички тензии од страна на Никола Груевски, се единствено обид на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за заштита на криминалните интереси и на одговорноста од нив.

Ние го имаме парламентарното мнозинството и можевме и до сега да ја формираме новата Влада. Внимателно како и досега ги водиме политичките процеси, како одговорни политичари, наспроти несовесните политики на криминалците и неодгворните луѓе кои 10 години ја водеа дравата, за да дадеме пример како се работи во интерес на граѓаните и на државата. Така и ќе продолжиме да работиме откако ќе биде формирана новата Влада
Никој нема право да ја спречи демокрратски изразената волја на мнозинството на граѓаните на избори.

Вечерњи лист: Зошто претседателот Иванов одби да Ви го даде мандатот?

Заев: Ѓорге Иванов e извршител и соучесник на Никола Груевски и ги штити криминалните интереси на Груевски и на неколкумина негови соработници од ВМРО-ДПМНЕ на кои единствено им одговара да се продлабочува кризата во Македонија. Но овие луѓе на тој начин гледаат обид за спас од одговорноста за огромното стекнато богатсво на криминален начин за изминатите 10 години, како и за низа други злупотреби врз граѓаните. И сите механизми што ги користат преку поттикнување насилство и омраза се многу ризично и опасно сценарио за Македонија. Јас се надевам дека Иванов и после државниот удар што го направи, ќе најде сила да се преиспита и да постапи според интересите на граѓаните на Македонија. Се друго ќе значи негово соучество во активности против граѓаните и државните интереси на Македонија.

Вечерњи лист: Поранешниот премиер Груевски и претседателот Иванов ве обвинуваат дека вашиот договор со албанските партии е всушност државен удар, бидејки, како што тврдат, Владата е составена во Тирана, од страна на албанскиот премиер Еди Рама?

Заев: Јас излегов со Програма на новата реформска Влада на Република Македонија, напишана и подготвена во Македонија. Таа програма содржи мерки за сите важни потреби и прашања на граѓаните на Македонија, од предизбораната програма на СДСМ и од предизборните програми на партиите со кои обезбедивме мнозинство. Во Програмата јасно се поставени агендата и активностите на новата Влада на Република Македонија.Таа Програма е единствениот валиден документ за граѓаните, што ги негира сите лаги што имаат за цел дестабилизација затоа што поединци во тоа го гледаат своето бегство од лицето на правдата. Граѓаните гласаа за правда и за развој и во Македонија и тоа ќе се случи.

Вечерњи лист: Зошто ја одбивте поддршката за состав на Влада што ви ја понуди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски?

Заев: Не може да учествува во решение за проблемите човекот кој ги создаде проблемите и изврши злосторство врз граѓаните на Република Македонија. Тој кој со своите соработници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ масовно прислушувал свои сограѓани, се богател на сметка на граѓаните, осиромашија над 500.000 граѓани, иселија 626.312 луѓе во стравство, изнесоа над 5 милијарди евра во странство според достапни проценки, ги уништија сите независни институции во државата, го доведоа до распад здавството, образованието, воопшто државниот систем и сега продолжува да креира подлеби во државата, ставале пиштоли во уста на политички неистомисленици, рушеле милионски инвестиции на домашни бизнисмени – не, Груевски не може да и помогне на Македонија. Тој работи и понатаму на поделби меѓу граѓаните, на притисоци врз граѓанските организации, врз новинарите и врз критичката демократска јавност којашто е мотор на развојот на едно демократско општество. Ја изолира Македонија со тоа што ја скара државата со голем број пријатели на земјата од меѓународната заедница. И ете затоа околу 700.000 граѓани избраа промени. Јас верувам дека промените ги посакуваат многу повеќе од тие 700.000. Завршено е со Груевски и со неговите криминални соработници на полтички план. Немам намера да одам против волјата на граѓаните на Република Македонија на кои целата надеж за квалитетен живот, слободен, правичен, перспективен, им е во нова, чесна, одговорна реформска Влада. Таква ќе биде новата Влада на граѓаните. Во неа за несовесни политичари како Груевски и неговите соработници од раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема место.

Вечерњи лист: Груевски и Иванов тврдат дека сте се согласиле на низа албански барања, меѓу другото околу името на државата, знамето, грбот, употребата на албанскиот јазик…?

Заев: Oна што е договорено постои во Програмата на новата реформска Влада на граѓаните. Внатре, како што целата домашна и меѓународна јавност може да види, најавуваме дека ќе го решиме прашањето со употребата на јазиците, на тој начин што ќе ја гарантираме употребата на Македонскиот јазик и ќе овозможиме употреба на Албанскиот јазик, како и на Турскиот, Српскиот, Ромскиот на општинско и државно ниво. Тоа го правиме на начин преку којшто ништо нема да изгубат граѓаните Македонци, а ќе им го олесниме функционирањето на граѓаните Албанци, Турци, Срби, Роми… и од сето тоа ќе добие Република Македонија. Ние ветивме дека Македонија ќе ја градиме како едно општество за сите, земја на еднакви граѓани, со исти права но и обврски пред државата, граѓаните го поддржаа концептот на заедништво и тоа ќе го реализираме во интерес на добра иднина за сите. Точки како менување на грб, знаме, химна, во Програмата на новата Влада нема. Нема никаква причина за нивно менување. Дебата не спречуваме, ние сме демократска партија, секој има право да го каже своето мислење, но овие прашања не се во Програмата. Во врска со името на државата, нема промена на уставното име на Македонија. Тоа е мојот став и ставот на мојата партија СДСМ. Впрочем и во преговорите помеѓу Македонија и Грција под покровителство на Обединетите нации се преговара за име на државата за меѓународна употреба, а не за уставното име. Знаеме дека ова прашање треба да се реши за да ги обезбедиме евро-атланстките перспективи, но тоа ќе го направиме така што нема да го смениме Уставот и целосно ќе го заштитиме националниот индентитет, низ државен консензус и последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија. Тоа е вистината.

Вечерњи лист: Како инаку го гледате решавањето на албанското прашање во Македонија?

Заев: Граѓани од сите етнички заедници заедно застанаа зад процесот што го отворивме Вистината за Македонија кога ги разобличивме сите криминали и злоупотреби врз граѓаните. Сите се жртви на режимот на Груевски, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Роми, и Бошњаци, и од многу помали етнички заедници. Граѓаните од сите етнички заедници заедно го подигнаа Кампот на слободата, заедно беа на улиците кога бараа правда и промени, заедно ги донесоа промените. И во вакви околности, кога сеуште се подгрева атмосфера на конфликтност од другата страна, граѓаните сеуште стојат заедно. Ова го говорам вака за да произлезе низ него она што не треба многу за да се види. Во заедништвото е решението. Само заедно, обединети, низ трпение, мудрост, дијалог, разбирање на потребите едни меѓу други, со меѓусебно почитување, во едно општество за сите, ќе обезбедиме живот за сите во нашата заедничка Република Македонија. И јас сум непоправлив оптимист дека ќе им покажеме на регионот, на Европа, на светот, како може да се победи режим со пенкало и глас и да се успее во определбата за интеграција, прво внатрешна во Македонија, а потоа и на Македонија кон светот, Европската унија и НАТО.

Вечерњи лист: Се плашите и од нова војна во Македонија, како таа во 2001., ако не успеете да формирате Влада, идеолошка помеѓу вашите и приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и онаа најопасната, помеѓу Албанци и Македонци?

Заев: Многу верувам во заедништвото што го изградија граѓаните на Македонија од различните етнички заедници. За конфилт се потребни двајца. Сите процеси досега ги водиме многу внимателно за да не оставиме ни најмал простор да се случи нешто што ќе им наштети на граѓаните и на државата. Сериозно сме загрижени што од другата страна имаме неразумен политички противник, кој е подготвен за своите интереси да ги жртвува интересите на луѓето и на својата земја. Нив не ги интересираат последиците и прават се за да спречат мирен трансфер на власта и тоа мора да се има предвид. Лично верувам дека јас и СДСМ како државотворна партија, во соработка со сите демократски сили во државата и со поддршка на огромното мнозинство граѓани, и со нашето разумно однесување ќе успееме и да ја спасиме државата од бездната во којашто ја турка Груевски. Ќе продолжиме како досега да ја насочуваме целата креативна енергија кон демократските процеси и ќе обезбедиме напредок на Македонија.

Вечерњи лист: Во последно време многу аналитичари тврдат дека Албанци сонуваат за Голема Албанија во којашто би ја вклучиле и западна Македонија, верувате ли во тоа?

Заев: На овие идеи, од каде и да потекнуваат, одат во прилог сценаријата на поделби што ги поттикнува актиуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Цврсто верувам дека преку концептот на градење едно општество за сите, зад што застанаа СДСМ и партнерите со коишто го обезбедивме парламентарното мнозинство, ние ја зацврстуваме унитарноста на Република Македонија.

Вечерњи лист: Дали килтуролошките разлики меѓу Албанците и Македонците се непремостливи, како што тврди радикалното крило во ВМРО-ДПМНЕ, во толкава мера, да не е можно долгорочно да се размислува за соживот?

Заев: Знаете како се вели, ако нешто сакате барате начин, ако не сакате, барате причина. Ние сме мала земја, секој со секого се знае, испреплетени сме, традиционално, културно, тука ни се заедничките корени, претците заедно ни се бореле, за заедничка Македонија, зошто да не можеме да живееме заедно?! Тоа го посакуваат само оние кои имаат задни намери од лични или други причини. Во Македонија живееме и ќе продолжиме да живееме заедно. Тоа е волја на мнозиинството граѓани.

Вечерњи лист: Дали е Македонија оставена и од Запад и од Исток? Именно, ЕУ и НАТО никогаш не се обидоа да ја скротат Грција којашто ја блокира Македонија поради името?

Заев: Европската унија и НАТО се стратешки партнери на Македонија, многу и помогнаа на државата во клучни моменти, преку принципиелна поддршка на демократските процеси и јас сум убеден дека таа соработка ќе продолжи во таа насока и со вистинска волја и посветеност, заштитувајки ги националните интереси на Македонија ќе дојдеме до решение и за ова прашање.

Вечерњи лист: Дали Русија денес е партнер на Македонија?

Заев: На Република Македонија, како и на секоја држава и се потребни искрени пријателства од меѓународната заедница. Односите на Македонија со Русија очекувам да продолжат да се развиваат во духот на традиционалното пријателство, преку развој на економската, културната соработка, со меѓусебно почитување.

Вечерњи лист: Што велите на изјавите на луѓе од опкружувањето на Трамп, дека Македонија е случајна земја и дека треба да се подели помеѓу Србија, Грција и Бугарија?

Заев: САД е стратешки партнер во евро-атланстките перспективи на Македонија и голем поддржувач на развојот на демократските процеси во државата. Тоа како граѓани и како држава искрено го почитуваме и вреднуваме. Односите со САД во таа насока и се развиваат. Поединечни изјави не можат и не би смеело да влијаат на едно толку големо пријателство какво што е пријателството на Македонија со САД.

Вечерњи лист: Дали ЕУ и е должна на Македонија затоа што го стопиравте новиот прилив на мигранти кон Европа?

Заев: Со земјите од Европската унија и од регионот имавме и сеуште имаме добра собаротка и неоподно е таа да продолжи да се развива за да бидат преземени вистинските чекори кон решавање на овој проблем за светот на соодветен начин, преку заштита на човековите права. Потребна е координирана соработка и разбирање помеѓу сите држави, бидејки е невозможно една земја сама да се справи со толку големо и сериозно прашање како што е мигранстката криза.

Вечерњи лист: Со оглед дека во регионот малку кои два народа нашле заеднички јазик како што тоа го направија Албанците и Хрватите, не би било ли мудро во решавањето на албанското прашање да ја вклучите и хрватската дипломатија којашто би можела да ги омекне тврдите албански ставови?

Заев: Република Македонија има чест што има таков пријател во регионот како што е Република Хрватска. Високо ги почитуваме взаемната соработка и традиционалното пријателство со Хрватска и како граѓани, и како држава, а го кажувам тоа и во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз. Бевме рамо до рамо со вашата земја којашто отиде многу понапред од Македонија и стана членка на Европската унија, а нашата држава заостана на тој пат затоа што и се случи режим. Во периодот што следува очекувам многу поинтензивна соработка со нашиот традиционален пријател Хрватска на сите полиња, имаме што да учиме и да примениме како искуство од Република Хрватска и тоа најавувам дека ќе го правиме.

ZZintervju1_11