Зошто Заев не смее да го потпише Договорот со Бугарија

0
2426

Заев не смее да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија затоа што оваа земја мора да остане мала, никаква, изолирана, пусто острово кое нема никој свој и никој не сака да го посети. Тврдина изврзана со бодликава жица, со жители под висок напон кои не признаваат никого освен себе и своите мали, никакви животи.

Заев не смее да го потпише Договорот со Бугарија, тој не смее да помисли да му пружи рака на Борисов, само така може да го продолжи патот кој Груевски го изоде, оној пат на презир кон соседите, самољубие, зла крв.

Милошевиќ го спроведуваат во Хаг

Тоа е истата онаа политика на Милошевиќ која ја следеше и Груевски, кога народот мора да јаде корени, но не смее да попушти, ни за педа, додека не пцовиса тој негов народ за кого се чука во градите. Само така малите народи стануваат уште помали, зрно кое се тркала и носи се пред себе, го собира ѓубрето по пат, нечии остатоци кои никој не сакал да ги прими. Но тоа е избор кој некои лидери го прават. Како вели Митеран во своите мемоари: “Ниту еден историчар темелно нема објаснето што еден народ го тера на големина и зошто престанува да расте, ниту ги има објаснето неговите полети, грозници, летаргии”.

Заев не смее да стави потпис на Договорот со Бугарија, затоа што тоа ќе значи пораз за досегашната политика на Груевски, ако воопшто тоа навистина може да се нарече доба во која се водела политика на една држава. Политика на корупција, криминал, културен геноцид, тоа е наследството кое го остави зад себе Груевски, тоа е таа политика која историчарите ќе ја забележат и архиварите грижливо ќе ја обележат во стаклените креденци, по музеите и библиотеките. Ќе внимаваат да не падне ниту трошка прашинка, за да не избледи ниту една буква, за да светат страниците и да предупредат што ќе ни се случеше ако се продолжеше уште некој ден, недела, месец со него.

Заев не смее да го потпише Договорот со Бугарија, затоа што само така ќе се прошири полето за борба за нови бугарски пасоши, на кои не им знаеме ниту број, ниту име на оние Македонци кои низ годиниве ги зеле, надевајќи се дека со станување Бугари и со тоа автоматски Европјани, старите порази во оваа земја се зад нив. Оние порази кои Груевски ги потпишуваше, тоа се оние изгубени генерации кои иднината не ја гледаа во оваа земја, стотици илјади претежно млади луѓе кои знаат дека идентитетот не е само националноста, туку и човечкото достоинство, надежта и копнежот по подобар живот.

Се надевам дека Заев никогаш нема да го потпише Договорот со Бугарија, затоа што ако тоа го стори, ќе признае и тој и сите ние дека сме станале подобри луѓе, во свет каде малите народи за да преживеат мораат да знаат како се станува голем, без омраза, крв и насилства. Таа лекција балканските народи почнуваат да ја учат, од некаде мора да се тргне, веројатно тоа е тој пат за кој Заев и Борисов говорат и кој единствено вреди да се проба, особено заради оние сопки за кои досега говорев, кога пишував- зошто не смее да се потпише Договорот меѓу Македонија и Бугарија.

Колумна на Биљана Секуловска