ЗНМ: Правосудните органи да ги процесираат нападите врз новинарите во најбрз можен рок

0
967

Новинарите не треба и не смеат да бидат напаѓани поради нивната професија. Правосудните органи мора да ги процесираат нападите во најбрз можен рок, со цел да се заштити демократијата во земјава, затоа што неказнивоста неминовно води во самоцензура, ограничува простор за слободни медиуми и ја прави професијата неатрактивна.

Ова денеска го порача Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), на одбележувањето на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите во Скопје.

Тој додаде и дека новинари и правни експерти во соработка со Министерството за внатрешни работи работат на креирање на Протоколот за односи меѓу полициските службеници и медиумските работници за подигнување на безбедноста на новинарите и снимателите.

– Протоколот ќе претставува декларативно проширување на етичките кодекси на новинарите, а тоа значи дека ќе биде двонасочен, односно и на полициските службеници им се покажуваат заедничките заложби за овозможување соработка меѓу новинарите и полицијата. Само така може да сме сигурни дека во случај на напад врз новинар, институциите ќе реагираат на начин на преку кој ќе се најдат сторителите и потоа ќе бидат санкционирани, додаде Чадиковски.

Во последната година, како што истакна претседателот на ЗНМ, биле регистрирани два физички и еден вербален напад врз новинарите и неколку помали инциденти за кои Здружението јавно реагирално и иницирало постапки пред институциите. Но, како што додаде Чадиковски, Основното јавно обвинителство не одлучи да отвори истрага.

Чадиковски појасни дека ЗНМ се залага силно пред домашните институции, но и пред Меѓународните организации да придонесат што повеќе неказнивоста да остане во минатото и да се создаде механизам за брза реакција кон секој нов напад врз новинарите и медиумските работници.

– Новинарите во ова општество се чувари на јавниот интерес, новинарството е суштински еден од темелите на секое демократско општество, но за жал, имаме и многу непријатели. Честопати се соочуваме со вербални и физички напади, само поради вршење на свои професионални обврски додека на насилниците остануваат неказнети.

 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој присуствуваше на одбележување на настанот, истакна дека Министерството за внатрешни работи воспоставува квалитетна и тесна комуникација со медиумите и обезбедува сигурни услови за работа на новинарите и другите медиумски работници.

– Ние како Министерството за внатрешни работи уште на почетокот на нашиот мандат јасно и гласно дадовме до знаење дека соработката и комуникацијата со медиумите се на самиот врв на агендата на активности што сакаме да ја реализираме. Тоа го покажавме не само преку пример од расчистување на случаите на нападите во периодот на 2017 година, туку истовремено ја интензивиравме соработката и дијалогот со претставниците на медиумските здруженија со цел да изградиме оптимален партнерски однос во интерес на јавноста и граѓаните, рече министерот за внатрешни работи.

 

Спасовски појасни дека ова е процес што бара постојана опсервација и ангажман, што пак ќе овозможи натамошно унапредување на позиција на новинарството се во делот на лична безбедност и заштита на луѓето што се занимаваат со оваа професија.

Дирк Јан Кол, амбасадорот на Кралството Холандија на одбележување на настанот истакна дека не смее да се има селективен пристап и потенцира дека слободата на говорот е сонсовно човеково право и клуч на секоја демократија.

– Според извештаите, бројот на нападите врз новинарите се зголемува, бројот на убиени новинари е скоро двоен. Холандија има позитивна репутација за слободата на печтатот, но треба да се признае дека слободата не се добива по автоматизам, туку потребна е постојана грижа и нега. Ова прашање треба да биде приоритет на секоја држава, додаде амбасадорот.