ЗНМ: Осуда за обвинувањата и навредите врз новинарите

0
1093

Регионалниот центар на Здружението на новинари на Македонија во Битола ги осудува обвинувањата и навредите врз новинарите, што вчера биле упатени од страна на битолскиот градоначалник Владимир Талески.

znm1-540x361

Тој, според ЗНМ, на вчерaшната прес конференција откако бил запрашан за коментар за предметот отворен во обвинителство по поднесена пријава против него, ги обвинил новинарите дека со нивната како што рекол „разединетост, врвен непрофесионализам, пренесување на работи кои нив им одговараат, како и немањето заеднички концепт за објективно известување создаваат амбиент во прилог на опозицијата“.

Ваквите неаргументирани обвинувања и етикетирања врз дел од локалните новинари се неприфатливи, велат од ЗНМ.

„Ако некој е незадоволен од начинот на известување на одредени новинари, може да достави деманти во редакциите каде работат или да поднесе претсaвка до Советот на честа на ЗНМ или Советот на етика во медиумите кои ќе утврдат евентуални прекршувања на Етичкиот кодекс на новинарите. Неприфатливо е да се обвинуваат новинари за врвен непрофесионализам само за тоа што имале храброст да известуваат и постават прашање за случај поврзан со функционер. Потсетуваме дека работа на новинарите е да прашуваат, а ваквиот вербален напад може да се сфати како притисок врз нив во иднина да не поставуваат „незгодни прашања“. Инаку, разединетоста на новинарите не е поврзана со темата на поставеното прашање, а сигурно и не е грижа на господинот Владимир Талески. Истакнуваме дека медиумите не можат да имаат заеднички концепт на известување зашто сите имаат своја медиумска политика. Концепт за објективно информирање веќе постои, тоа е Етичкиот Кодексот на новинарите, а досега не сме добиле жалби за битолски новинари дека го прекршиле“, се вели во писмената реакција на ЗНМ.