Зијадин Села е за парламентарно мнозинство со ДПМНЕ или СДСМ, во зависност кој ќе ги прифати нивните барања!

0
2260

Зијадин Села во име на коалицијата Алијанса за Албанците, по вчерашната средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети изјави дека оваа средба била важна од аспект на иднината на албанскиот јазик. Теута Арифи, градоначалничката на Тетово пред средбата изјави дека не ја исклучува варијантата нова влада да се формира со СДСМ.

Формулата на Села подразбира дека тој е подготвен на коалиција и со СДСМ (или ВМРО-ДПМНЕ) заедно со ДУИ (10 пратеници) и тројцата пратенички места што ги освои Алијансата за Албанците. Тоа значи дека партиите од Алијансата, Движење за реформа на ДПА (Зијадин Села), Унитети (Гзим Острени) и НДМ (Весел Мемеди) се подготвени за формирање влада и со Никола Груевски и со Зоран Заев.

За средбата со Али Ахмети Села вели дека тоа бил важен состанок од аспект на иднината на албанскиот јазик. „Тие што не беа присутни, се против. Ние сме за еднакви права“, изјави Села. На средбата во „Александар палас“ во Скопје не дојдоа претставниците на Беса, чија коалиција освои 5 пратенички места.

По средбата, Села на Фејсбук напиша дека Влада во формат 50+10+3 e можна, но нестабилна, а најдобра би била комбинацијата 50+10+5+3 и дека само така албанскиот ќе стане рамноправен со македонскиот јазик.

Тоа значи во коалицијата да влезе и Беса, партија која одбива да биде во каква било комбинација со „оние кои досега ништо не сториле за Албанците и биле замешани во бројни криминални и корупциски афери“.