За кого работи времето, на кого му се брза на Заев или на Груевски?!

0
1297

Домашните аналитичари и политичари, не се изненадени од неуспехот во разговорите во Брисел. Дел чекаат подетални информации за да го оценат вчерашниот учинок од средбата, други сметаат дека разговорите ќе мора да продолжат и нема да бидат ни кратки, ни лесни, пишува Дојче веле.

Ермира Мехмети, пратеничка од владејачката ДУИ, смета дека воопшто не е лесно да се преговара со Груевски.

1907546_1142580202425668_6321824691635189589_n

„Ова е прв пат Груевски да седне на маса и да преговара со неистомисленици околу прашања за кои тој, длабоко сум убедена, се уште цврсто верува дека му припаѓаат ексклузивно нему. Тој настапува од позиција на посилниот и тој факт секогаш досега му давал чувство на супериорност и немање потреба од каков било дијалог или пак, не дај Боже, договор со било кој друг. Не е лесно, ниту пак едноставно да преговарате со таков лидер“, вели Мехмети. Таа разговорите ги гледа низ призмата на потреба од длабоки системски промени.

„Преговорите во Брисел имаат за цел да го стават процесот на изнаоѓање решение за кризата во некаков систем на договорена транзиција, по теркот на договорените транзиции кон плурализам кои настанаа во Југоисточна Европа по падот на Берлинскиот ѕид. Целта на тие договарани транзиции своевремено беше да не дозволат насилство и улични судири, туку преку дијалог меѓу политичките лидери да се изгради рамката за пад на едниот систем и воспоставување на новиот“, укажува пратеничката на ДУИ.

Но, во однос на мандатот на евентуална преодна влада, Мехмети нема големи очекувања.

„Јас не мислам дека преодната влада може или треба да има мандат да ги реши сите проблеми поврзани со демократскиот дефицит предизвикани од владеењето на Груевски – медиуми, судство, НВО сектор, итн. Напротив, мислам дека преодната влада треба да има лимитиран мандат да организира и спроведе фер избори и да обезбеди мирна транзиција на власта по изборите следната година“, вели Мехмети.

Од епилогот на бриселска рунда, не е изненаден професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

„Ова е сосема очекувано, имајќи предвид дека Груевски во целиот изминат период инсистира и работи за сопствениот спас. Тој бара да добие во време, затоа што времето му дава можност да ги зачува монополските позиции кои му помагаат и да ја добие и да ја зачува власта. Што подолго остане на власт до терминот за избори, тоа му гарантира дека под контрола ќе ги има механизмите што и досега ги употребуваше за добивање избори. Но, и покрај тоа што Груевски се бори да добие време, реално, времето работи за Заев. Лидерот на СДСМ може да чека, бидејќи негов приоритет се системски промени кои ќе доведат до услови за фер избори. Тоа е принципиелен став и Заев и не може поинаку да се однесува, бидејќи во него е заложен целиот кредибилитет на здружената опозиција, но и очекувањата на граѓаните кои бараат темелни системски промени“, вели Ружин. Според него, периодот во кој некоја идна техничка, преодна или експертска влада ќе ги организира изборите но без Груевски во неа, не смее да има мандат пократок од 9 месеци или една година, бидејќи тоа е минимум период потребен за да се елиминираат изворите и механизмите на изборни нерегуларности.