За испишување на графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“, МВР поднесе нови пријави против адвокатот Стеваноски

0
1017

После првата ослободителна пресуда која прилепскиот Основен суд ја изрече по однос на пријавата која МВР-Прилеп ја поднесе против адвокатот Жарко Стеваноски, денеска од МВР-Прилеп поднеле нови две барања за поведување прекршочни постапки против адвокатот за испишаниот графит „Че Си Лежите”.

Пријавите се однесуваат за истиот прекршок по чл.191 ст.4 во врска со ст.1 од Законот за безбедноста во сообраќајот. Исто како и во пријавата која судот ја отфрли, и со новоподнесените барања МВР повторно тврди дека испишаниот графит „Че Си Лежите“, како што пишува во пријавата, „ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвлекувале нивното внимание“, пренесуваат од Публикум.

Адвокатот Стевановски изјави дека за него ваквите пријави се апсурдни и нелогични и според него одредени структури во МВР поттикнати од локалните власти, на штета на буџетот на ова Министерство упорно си прават „екскурзии“ низ правната регулатива и судскиот систем, со цел да извршат притисок врз него и неговите идни активности кои како што рече се насочени кон разоткривање на криминалните локални структури.

„Во една од постапките која заврши со ослободителна пресуда, заменик-началникот на униформираните полициски службеници на СВР Битола кој бил задолжен и одговорен да ги обезбедува протестите, веќе даде изјава со која потврди дека за време на сите денови во кои се одвиваа протестите сообраќајницата каде беше испишан графитот „Че Си Лежите“ беше блокирана. Исто така тој кажа дека веднаш после секој протест, цистерна со вода на ЈКП „Комуналец“ Прилеп го чистела испишаниот графит, а дури потоа сообраќајницата повторно била пуштана за одвивање на сообраќај. Тоа значи дека учесниците во сообраќајот на никаков начин не можеле ниту да бидат заслепени, ниту пак на било каков начин нивното внимание да било одвлечено“, вели адвокатот Жарко Стеваноски.

Стевановски на локалните власти им порача да користат стручна правна помош при изготвување на актите насочени против него, затоа што како што изјави вака само се срамеле себеси како службени лица кои тотално не ја познаваат правната регулатива

„Вистината за нив ќе биде болна. Правдата ќе биде задоволена и секој од нив ќе ги сноси последиците од сопствените постапки. На крајот на приказната, сакале тие или не, сепак „Че Си Лежат“, поентира Стеваноски.

Со двете денешни пријави, МВР-ПС Прилеп против Стеваноски има поднесено вкупно 6 прекршочни пријави, од кои прилепскиот Основен суд едната веќе ја отфрли. prilep1-750x354