Заев: Сочувство и остра осуда на насилните инциденти што го потресоа светот!

0
925

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, упати телеграми до властите во Русија, Германија и Швајцарија по, според сите индиции, терористичките напади, со жртви во овие земји, што синоќа го потресоа во светот. Заев во име на граѓаните на Република Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и лично име изрази искрено сочувство за жртвите и повредените и остро ги осуди насилните инциденти.

„СДСМ и граѓаните на Република Македонија се придружуваат на светската демократска јавност во најострата осуда на терористичките напади во Анкара, Берлин и Цирих. Убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов во Анкара додека говорел на изложба, убиството на најмалку 12 лица и 48 ранети, според последните информации, во експлозија на камион кој влетал на божиќен пазар во Берлин, како и нападот пред Исламскиот центар за молитва во Цирих каде што има ранети, се кукавички акти на провокации коишто бараат мудар и одговорен пристап од цивилизираниот свет, којшто треба сторителите да ги изведе пред лицето на правдата и да ја сочува општата стабилност и безбедност на граѓаните во светот. Овие грозоморни напади покажуваат со каква енергичност демократскиот свет е неопходно, уште поцврсто и поорганизирано и да се обедини во одговорот на сите форми на закани со насилство и на насилство што го загрозуваат животот и мирот на граѓаните каде и да живеат“, стои меѓу другото, во одделните телеграми од претседателот Заев.