Заев се сретнал со родителите на момчињата ликвидирани кај Смиљковско Езеро: Ахмети ѝ се заканувал на обвинителката

0
1055

zaev-nakeski

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се сретнал со родителите и со роднините на момчињата што беа убиени кај Смиљковско Езеро во масакрот што се случи на Велики четврток – 12. април 2012 година. Горан Накевски, татко на Александар, еден од ликвидираните крај езерото, ни рече дека на средбата побарале од Заев да им ги даде материјалите што ги поседува.

– Се сретнавме со Заев и ги баравме материјалите и пораките на Фејзи Азири (еден од осудените н.з.), кој, според нашите информации, комуницирал со нарачателите. Знаеме дека тие пораки постојат, изјави Накевски за новинската агенција „Мета“.

Тој рече дека Заев не им дал документи затоа што можеби знае дека нема да молчат и веднаш ќе ги објават.

Заев им ветил дека сè што поседува како прислушуван материјал и снимки во врска со случајот „Монструм“ ќе обелодени и ќе објави.

Накевски се надева дека материјалите што ќе ги објави Заев ќе имаат некаков ефект и ќе предизвикаат процес за целосно расветлување на петкратното убиство кај Смиљковци.

– Што и да каже Заев, ќе биде од корист. Доста е од оваа агонија во која се наоѓаме три години. Имаме информации дека Али Ахмети ѝ се заканувал на обвинителката што го води случајот, да не ги објавува кодираните телефонски разговори и побаравме од него, ако има таква снимка, да ни ја даде. Тој ни рече дека тоа било во 2014 година, а снимки има од 2011 до 2013 година. Ние, ако ја добиеме таа снимка, ќе ја пуштиме во јавноста бидејќи немаме што да криеме – вели Накевски.

Претседателот на СДСМ, во повеќе интервјуа најави дека ќе објави сè што поседува за случајот „Монструм“.

– Ние ветивме дека ќе објавиме сè што поседуваме. Ќе покажеме и материјали за случајот „Монструм“, кој е исклучително страшен случај во кој беа убиени четири деца и еден возрасен човек крај Смиљсковско Езеро. Убиените се Македонци, а осудените се Албанци. Целата вистина што ја поседуваме за овој случај ќе ја објавиме, без разлика дали тоа ќе одговори на очекувањата на дел од граѓаните – изјави Заев за новинската агенција „Фокус“.

На новинарско прашање, на последната прес-конференција на Заев, дали на Велики четврток, кога навршуваат три години од грозоморното убиство, ќе бидат обелоденети разговори околу овој случај, Заев одговори дека тоа нема да го стори поради почит за велигднеските празници.

Извор: МЕТА