Заев сака консензуален претседател: Ќе се обидеме да го најдеме најдобриот или најдобрата

0
1211

Посакувам да имаме консензуален кандидат за претседател, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот за заем за изградба на фотонапонската централа Осломеј во Владата на РМ.

– Досега не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во Парламентот – рече премиерот и најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата.

Тој посочи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив граѓаните ги сакаат.

-Посакувам да имаме консензуален кандидат од сите. Да имаме човек кој ќе биде татко на нацијата зад кој ќе застанеме сите – рече Заев и додаде дека се надева оти ќе биде избран кандидат за кој ќе биде чест да застанат и да го промивираат како иден претседател на Република Македонија.

Премиерот очекува владејачката коалиција да победи на претседателските избори но, како што вели, за одлуката на граѓаните клучна ќе биде личноста на кандидатот.

– Ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот, или најдобрата. Ќе се потрудиме да најдеме кандидат што максимално ќе биде прифатлив за сите граѓани на Република Македонија – вели Заев.