Заев: Од Израел ми беа ставени на располагање документи како материјални докази за криминалот на власта

0
1211

Израелската влада покажа решителност да ги сподели индикациите за криминал во тоа време, а сега веќе и потврдените аргументации за криминал, за незаконски дејства што се вршеле при набавка на опрема за потребите на службите на македонското министерство за внатрешни работи, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју во вечерашнава емисија Топ тема на Телма, снимено за време на тридневната посета во Тел Авив.

zaev_izrael

„Ми беа ставени на располагање детали, секако со документација и аргументација, кои сега веќе ги поседуваме“, рече Заев. „Најверојатно Израел очекуваше да биде начисто евентуално дури и со нас како опозиција, да се знае што е што.“

„Секако опремата е израелско производство, но набавката се случува преку приватна фирма, а човекот што го објавивме е консултант на приватна фирма, нема ништо со државата Израел, и целата оваа документација ги потврди работите на кои укажавме“, рече опозицискиот лидер и додаде дека новите материјали, кога ќе биде оформен тимот, ќе ги достават до специјалното обвинителство „како материјални докази за незаконски дејства што ги направила власта“.

„Безбедносните служби на Израел нè пречекаа подготвени и ни дадоа на располагање работи“, рече Заев нагласувајќи дека за деталите не би зборувал јавно додека не ги разгледа темелно материјалите.