Заев: На крајот на мандатот специјалистите ќе имаат 100.000 денари плата

0
1321

До крајот на мандатот, како што ветивме, специјалистите во државата ќе имаат 100.000 денари плата и вкупната плата на сите вработени во здравството ќе расте со доволно мотовирачко темпо да ни останат тука во државата, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев одговорајќи на пратеничко прашање од Антонио Милошоски.

– Стоиме на нашите ветувања и ќе имаше пари за 15 отсто во 2018 година, уште од сега да ги најавиме на истекот на 2017 година, ако не се измачивте толку душмански врз државата сиве овие години наназад, па да мораме да имаме плаќање од 60 милиони евра обврска само во здравството во сите 120 здравствени институции, рече Заев.

Значи, посочи, 60 милиони евра се обврските на државните институции. Потенцира дека пет отсто покачување на платите во здравството се пет милиони евра, 15 отсто се 15 милиони евра.

– Зарем мислите дека не можеме да повлечеме кредит од десет милиони евра плус и да го испорачаме ветувањето. Не, ние се откажавме. Ќе ги зајакнеме перформансите на самото Министерство и на самото владино работење и ќе ги покачиме платите и тоа ќе се обидеме да го стигнеме и во 2018 година во зависност од нашите успешни политики, рече Заев.

Појасни дека специјализантите веќе се предвидени во Буџетот за 2018 година.

– Пари во буџетот се предвидени во овие нови една милијарда и 100 милиони денари, за да биде решен проблемот на специјализантите кое е едно од изборните ветувања што им ги дадовме и верувам дека ќе можеме уште оваа година да почнеме со воведување на бесплатното болничко лекување ако не за сите граѓани, барем за ранливите групи категории граѓани, сиромашните, хендикепираните, лицата со посебни потреби. Ако бидеме успешни во политиките ќе го воведеме до крајот на 2018 година и бесплатното болничко лекување, додаде Заев.