Заев-Мускат : Поддршка од Малта за старт на преговорите со ЕУ

0
700

Малта дава силна поддршка на Северна Македонија за датум старт на преговорите со Европската унија во октомври,  рекол премиерот на Малта Џозеф Мускат на средбата со премиерот Зоран Заев, што се одржа во Њујорк, по повод учеството на Генералното собрание на ОН.

-Премиерот Заев разговараше со неговиот колега од Малта за позитивниот моментум за почеток на пристапните преговори на ЕУ со нашата земја, имајќи ги предвид оптимистичките заклучоци на Советот во 2018 и 2019 година, како и резултатите што ги испорача Северна Македонија на планот на домашните реформи и на постигнување на стандардите за членство во ЕУ. На средбата премиерот Мускат истакна дека Малта дава целосна и силна поддршка за Северна Македонија за датум за старт на преговорите со ЕУ во октомври, соопшти владината прес-служба.

Заев и Мускат се согласиле дека треба да се зајакнат економските односи меѓу двете земји, како и соработката во образованието и културната размена, и да се поддржи соработката меѓу главните градови Скопје и Ла Валета во насока на размена на искуства во областа на инфраструктурата, заштитата на животната средина, економскиот развој.

Нагласено е и дека зајакнувањето и на билатералната парламентарна соработка е од извонредно значење за двете земји.

На средбата учествуваа и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министрите за надворешни работи Никола Димитров и за здравство Венко Филипче.