Заев: Додека поважен им беше Прометеј со или без гаќи, јас со струмичани подигнав споменик на Борис Трајковски

0
1279

Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев вечерва имаше свое обраќање на митингот во Струмица каде од неговите струмичани порача дека сите се за ЕУ и НАТО на чело со новиот претседател Стево Пендаровски.

Во своето обраќање тој се осврна и на нападите од кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека позитивни личности од Струмица биле само поранешниот претседател Борис Трајковски и фудбалерот Горан Пандев, а Заев бил негативниот.

– Од толку многу споменици во Скопје 2014 изградени од партијата што неа ја кандидира за претседател, не најдоа место за ниеден споменик на Борис Трајковски. И додека поважен им беше Прометеј со гаќи или без, многу порано оттогаш Зоран Заев со струмичани заедно подигна споменик на Трајковски, една година откога го изгубивме претседателот. На Горан Пандев на овој најголем плоштад во државата му поставивме ѕвезда затоа што заслужува, оти тој е нашата гордост – рече лидерот на владечката партија Зоран Заев.

За кандидатот за претседател Стево Пендаровски рече дека ќе биде лицето на нашата држава во странство, затоа што, според него, тој има интегритет, способност и визија за иднината.

– Ќе ги зацврсти позициите на државата. Имаме претседател, кој е создаден да биде претседател на нашата татковина – додаде лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На митингот вечерва говореше и познатиот поранешен одбојкар и сега тренер од Струмица, Кире Ричлиев. Тој рече дека целосно го поддржува патот на нашата земја, кон НАТО и ЕУ интеграциите, бидејќи тој пат, како што потенцира, е трасиран со многу напори, одрекувања и пред се визија нашата земја да биде безбедна и интегрирана во современите одбранбени, економски и напредни демократии.