Заев: Дијаспората треба и мора да гласа, се бориме за еднаквост на гласот

0
1565

Zaev-Prilep-izjava-640x320

Не постои никаде став на СДСМ дијаспората да не гласа. Дијаспората треба и мора да гласа. Начинот на кој се бориме е уставната еднаквост на гласот, изјави денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепското село Селце.

Која е пораката на овој национален празник до македонскиот народ овде?

Тоа беше токму тоа, единството, задништвото, сплотеноста, без разлика на нашата вера, етничка припадност, политичка припадност конечно, да ги тргнеме на страна, да бидат второстепен дел од нашиот живот, да бидеме заедно здружени, заради тоа што само така можеме да изградиме подобра иднина на нашата Македонија, на сегашните и на идните генерации. Навистина, тој 11 Октомври, кога пукнала првата пушка, сплотен, нашиот народ се одважил и охрабрил да застане на браникот на татковината, тоа е пораката којашто допира и ден денес до нас. Заедно сите, на модерен начин, согласно она што доликува на 21 век, да се избориме за подобра иднина за нашата Македонија.

До каде се преговорите од синоќа со политичките партии околу изборниот законик?

Вчера се одвиваа преговори помеѓу претставниците на меѓународната заедница, предводени од Питер Ванхојт со сите политички партии. Тоа беа билатерални средби коишто завршија некаде околу 21-22 часот. Од тоа што сум информиран од господинот Питер Ванхојт, е дека до недела, односно до утре им треба време да го состават конечното решение на законскиот текст и на работна група во недела да го презентираат. Се надевам дека тука ќе биде веќе конечно сѐ усогласено за веднаш после празничните денови, односно од вторник, да биде преточен како законско решение во Парламентот и да биде донесен. Велам, се надевам, заради тоа што доволно време изгубивме, има уште многу теми коишто треба да се дебатираат, медиумите, законот за свиркачите, правосудството и промените во правосудството, и многу други препораки од извештајот на ЕУ, а се вградени во договорот од Пржино. Ова се е со конечна цел, да ги подобриме институциите пред изборите. Рековме, важни се изборите да бидат фер, регуларни и демократски, но она коешто можеме да го добиеме до самите избори е придобивка за сите и сите ќе добијат. Ако имаме независно судство, независни медиуми, ако навистина дефинираме изборно законодавство и други закони коишто се придобивка за сите граѓани, тогаш навистина вреди да се посветиме сите максимум и повеќе да `не заобиколуваме, да трошиме време, да наоѓаме какви било изговори. Законите мора да се носат, промените мора да се случат во Македонија.

Дали имате точни сознанија што ќе содржи драфт верзијата? Што е тоа што сега треба да прифатат четирите политички партии?

Многу често коментиравме неколку теми и неколку под теми се главни во изборното законодавство, прочистување на Избирачкиот список, решението ќе биде изнајдено, драго ми е и за иницијативноста којашто дојде од СДСМ, но секако и од меѓународната заедница, за начините на изнаоѓање на поверлив Избирачки список на којшто граѓаните пред сѐ, ќе му веруваат, тоа ќе биде решено прашање, убеден сум во оваа работа.

Потоа начинот како ќе гласа дијапсората, изборот на изборните единици, начинот како ќе добие нови надлежности ДИК и нејзиниот нов состав се многу важен елемент и сите оние аспекти на односот на медиумите, рамноправната застапеност на политичките партии, кандидатите и сето она што е важно и опфаќа едно изборно законодавство.

Начелно, од она што го знам од вчера, кога заврши средбата со социјалдеморкатите, беше решение коешто дава шанси за фер, регуларен и демократски процес во Македонија, каде што, секако, пред сѐ, граѓаните ќе имаат можност, преку нормален Изборен законик којшто гарантира, пред сѐ, рамноправност на сите политички чинители, преку поверлив Избирачки список, да добијат шанса подобрите, оние на коишто граѓаните ќе им веруваат, да ја добијат и поддршката и честа да ја водат Македонија.

Останувате на тој став дека дијаспората не треба да гласа или имате некои други решенија?

Не постои никаде став на СДСМ дијаспората да не гласа. Дијаспората треба и мора да гласа. Начинот на којшто се бориме е уставната еднаквост на гласот. Нашиот предлог е да има цензус и да се бира пратеник со исто онолку гласови колку што се бира во Македонија. Или, гласовите на нашинците коишто гласаат во дијаспората, да влезат овде во една изборна единица или во колку и да се на крајот изборни единици, и на тој начин да добијат ист, еднаков третман со гласот на граѓаните, без разлика дали се работи за граѓани во Македонија или граѓани, наши Македонци коишто живеат во дијаспората.

Така да, овие решенија се многу принципиелни, уставно возможни и единствено потребни, за да може нашата дијаспора да гласа. 

Колку се оправдани стравовите дека власта може да изврши притисок врз специјалната обвинителка?

Јас сум еден од учесниците на донесувањето на новиот Закон за специјално обвинителство и специјалната обвинителка. Не би си дозволил да ги коментирам кадровските решенија коишто се нејзин тим, заради тоа што не ги познавам луѓето. Се работи за Обвинителство со целосна автономија. Јас сум целосно убеден дека до Нова година обвинителни акти ќе паднат. Има податоци, има докази за целата оваа работа, не се само индикациите секако, голем дел од предметите се лесно докажливи. Се надевам дека обвинителни акти, до крајот на годината ќе паднат. Тоа е тоа што го очекуваме од Специјалното обвинителство, а дотогаш, се надевам и реформите во правосудството ќе бидат доволно силни, со силни исчекори, за да можат таквите обвинителни акти да добијат правна разрешница низ правосудните органи на Република Македонија.

Што ако Талат Џафери го активира повторно законот за мораториум на бомбите и дали сите овие одолговлекувања не водат кон некое пролонгирање на изборниот термин?

Ако ваков закон каков што предложија Талат Џафери и Мукоски, односно, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, биде повторно ваков предложен во Собранието на Р. Македонија, ќе слушаме бомби од парламентарна говорница едно 20 години и ќе читаме транскрипти плус, дополнително, уште 10 години. Така да, такво законско решение нема шанси да се донесе во Македонија и тоа во стилот на Талат Џафери и блокадата на законот за бранителите. Така да, бегање од оваа работа нема.

Уште еднаш да појаснам. Разговарано е уште после летните одмори да се донесе законско решение со кошето ќе се забрани понатамошно објавување материјали коишто задираат во приватноста на граѓаните, но, заедно со закон за свиркачите или соработниците на правдата, за, ако некој друг го злоупотреби системот на УБК за прислушување, да знаат ваквите свиркачи или соработници на правдата, дека ќе бидат заштитени и тоа да можат да го пријават во институциите на системот. А цензура, или да се избрише тоа што е објавено, никаде во светот не постои, ниту во нашата Македонија.

Која е целта на посетата во Израел?

Јас имам официјална покана од претседателот на Израел. Секако, ќе разговараме за унапредување на соработката помеѓу Македонија и Израел. 

Ќе има ли избори во април? Ќе се почитува ли терминот?

Досега нема ниту мали индикации или причини изборите да бидат пролонгирани. Секако, една од причините зошто барам да се ита со роковите, не е важно за Заев, Груевски, Тачи или Ахмети, е да бидат навремено завршени преземените обврски. Граѓаните мора да знаат за што се работи, да се прилагодат на новото изборно законодавство, на преодната влада, да се имплементираат еден куп препораки коишто треба да се имплементираат час поскоро, коишто сами по себе гарантираат демократски институции, а со тоа и демократски изборен процес.